Бушати: Тирана систематски го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија

од desk2

Ставот на Тирана е јасен – поддржуваме дијалог меѓу Косово и Србија, изјави денеска во Скопје албанскиот шеф на дипломатијата Дитмир Бушати по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Изјавата на Бушати беше дадена за ставот на Албанија во однос на можното прекројување на границите на Балканот, во контекст на можниот договор меѓу Србија и Косово.


– Ставот на Албанија во врска со ова прашање е јасен. Ние на систематски начин имаме давано поддршка на дијалогот меѓу Косово и Србија. Се надеваме и посакуваме овој дијалог да донесе договор што ќе биде прифатлив за двете страни, договор што би значел целосна нормализација на односите меѓу двете страни и договор што би отворил пат кон целосно помирување меѓу Србија и Косово, рече Бушати.

Посочи дека договорот што би се постигнал ќе треба да биде прифатен не само од двете страни што преговараат, туку и да биде согласно одредени принципи на меѓународното право, што, според него, се одразува и на потребата од една поголема стабилност во регионот.

– Сметам дека сржта на процесот на европската интеграција и трансформација на регионот е поврзан со трансформацијата на границите на конвенционален начин. Во овој контекст од исклучително значење е сите земји од регионот и нивните претставници да се сконцентрираат многу повеќе на влијанието што го имаат нашите политики, нашите дејствија врз граѓанинот отколку на прашања кои многу лесно можат да бидат предмет на погрешно толкување, оцени Бушати.

Тој посочи дека за време на посетата на Скопје со средбите со македонските претставници разговарале за развојот на позитивните односи меѓу сите земји во регионот и со првичниот чекор што е направен во таа насока со договорот на Македонија за добрососедство со Бугарија и со договорот од Преспа за решавање на спорот со името.

Слични содржини