Хонда одлучи да ја произведе својата следна генерација на хибридни автомобили Цивик во американската сојузна држава Индијана, наместо во Мексико, за да избегне можни царини за еден од своите најпродавани модели. Производителите на автомобили брзаат да се приспособат откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто на стоки од Мексико и Канада. Иако многу производители на автомобили изразија загриженост за овие давачки, одлуката на Хонда е првиот конкретен потег на еден голем јапонски производител на автомобили.
Според три извори, Хонда првично планирала да ја произведе следната генерација на Цивик во Гуанахуато, Мексико, а производството требало да започне во ноември 2027 година. Мексико првично е избран поради зголемените трошоци за производство во Индијана и Канада. Сега Хонда планира да започне со производство на новиот Цивик во Индијана почнувајќи од мај 2028 година, со очекувано годишно производство од околу 210.000 возила. Доколку производството во Индијана не ја задоволи побарувачката, Хонда ќе размисли за увоз од земји кои не се засегнати од царините.
Портпаролот на Хонда одбил да ги коментира промените во производствениот план на Цивик, додавајќи дека компанијата ќе продолжи да ја анализира побарувачката и деловното опкружување кога донесува одлуки за оптимално производство и дистрибуција на глобално ниво.
Мексико долго време е евтина производствена база за јапонските и другите светски производители на автомобили. Хонда од Мексико извезува околу 80% од своето производство во САД, кои се втор најголем автомобилски пазар во светот, веднаш по Кина.