Килограм црвени пиперки 280 денари, зелени пиперки 180 денари, краставица над 200 денари за килограм – предпразнично цените повторно одат „угоре“. Овој нов ценовен притисок веќе го измери и Заводот за статистика – во ноември годинава во споредба со истиот месец лани индексот на трошоци на живот се зголеми за 4%. Она што според економистите го пали „црвеното светло“ е растечката базична инфлација.
„Иако инфлацијата во 2025 веќе не е двоцифрена како во периодот 2022–2023, денешното ниво од околу 4% сепак е значително повисоко од нашиот историски просек од околу 2,7%. Тоа укажува дека дел од ценовните притисоци не исчезнаа, туку се прелеаа во внатрешната динамика на економијата. Прво, базичната инфлација останува упорно висока. Официјалните статистики покажуваат дека во јуни 2025 годишната инфлација повторно се искачи на 4,5 %, пред сè поради растот на цените на услугите и прехраната. Падот на енергетските цени веќе не го игра стабилизирачкиот ефект што го имаше претходните години, па затоа и вкупната инфлација се движи поспоро надолу“ – вели за „Локално“ професорот Синиша Наумоски и додава:

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Синиша Наумоски
„Второ, цените на храната не го следат целосно падот на светските берзи. Европската комисија нотира дека и покрај смирувањето во 2024 година, инфлацијата повторно се забрзува и достигнува 4,4% до август 2025, токму поради покачувањата на храната и услугите. Домашните структурни слабости – ограничена аграрна понуда, ниска продуктивност и скапа логистика – го прават нашиот систем помалку чувствителен на глобалните поевтинувања“.
Според Наумоски, влијание врз порастот на инфлацијата има трендот на пораст на платите.
„Силниот раст на платите неизбежно создава дополнителен притисок врз цените. Од ресорот за финансии посочија дека просечната плата пораснала за над 10%, во услови кога инфлацијата е околу 4–5 %. На прв поглед тоа изгледа позитивно за животниот стандард, но економската реалност е дека токму растот на платите — особено во услуги — ги зголемува трошоците на фирмите и ја одржува базичната инфлација повисока“ – вели Наумоски.
За разлика од него економистот Бранимир Јовановиќ за „Локално“ вели дека порастот на платите, пред се на минималната плата, која според бизнисмените прави притисок за пораст и на другите плати, не е фактор што ја „подгрева“ инфлацијата.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ
„Еве, оваа година не ја покачија минималната плата, и пак гледаме инфлација 5%. Да се каже дека минималната плата ја генерира инфлацијата е како да се каже дека цените во супермаркетите се толку високи поради платите на продавачките. Тотален нон-сенс. Платите на работниците се само 20% од вкупните трошоци на фирмите во Македонија, не може да се тврди дека тие ја прават инфлацијата. Од друга страна, профитите на фирмите се скоро 60% од вкупниот национален доход, ама тоа владата упорно го премолчува“ – смета Јовановиќ.
Во меѓувреме од Владата најавија дека ќе се следат цените во трговијата а со почетокот на следната 2026 та можни се нови повисоки казни за трговците кои нема да го почитуваат Законот за фер трговски практики. Но она што засега е јасно е дека нови мерки нема да има, па дури и повеќе не се зборува за претходно најавуваните „празнични кошници“
„Административните мерки што беа воведувани во серија – замрзнати маржи, ограничени „кошнички“, намалени даночни стапки – не ја дадоа посакуваната трајна стабилизација. Дел од стопанските комори кај нас укажуваат дека во само три и пол години биле донесени 21 одлука за ограничување на цени и маржи, но без суштински структурни реформи нивниот ефект е краткотраен. Кога контролите почнаа да се укинуваат во втората половина од 2025 година, цените повторно се прилагодија нагоре“ – вели Наумовски и поентира :
„Затоа денешната инфлација од околу 4% не е резултат на нов надворешен шок, туку на комбинација од остатоци од претходните шокови и силен домашен ценовен импулс“.
Д.А.