Чарлс Купчан: Референдумот претставува историска пресвртница за Македонија!

од desk4

 

  Со професорот Купчан МИА разговараше за историската важност на Преспанскиот договор, за претстојниот референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за влез на Македонија во ЕУ и НАТО и за ситуацијата на Косово.

Купчан е постар соработник во Советот за меѓународни односи и добар познавач на приликите во постсоветскиот и балканскиот регион. Тој беше ангажиран како советник за европски прашања во Националниот совет за безбедност при администрацијата на Барак Обама.

Купчан неделава објави анализа во „Њујорк тајмс“ во која застапува идеја дека доброволната размена на територии помеѓу Косово и Србија би можело да биде единствен можен начин за разврска на конфликтот кој тлее со децении. Во анализата, концептот за доброволна размена на територии тој го нарекува „мирно етничко чистење.“

Професоре Купчан, каква е важноста на референдумот за Република Македонија?

Референдумот претставува историска пресвртница за Македонија. Успешен резултат значи отворен пат за членството на Македонија во НАТО и убразување на евроатлантската интеграција на земјата. Успешен резултат претставува голем исчекор напред не само за Македонија, туку и за поширокиот регион. Македонија ја чека уште многу домашна работа како унапредување на демократските институции, подобрување на економијата, искоренување на корупцијата и консолидација на навиките да управува со плурализамот. Убеден сум дека на крајот, целиот регион ќе биде интегриран во НАТО и ЕУ. Македонците не можат да си дозволат да ја испуштат оваа шанса.

Што треба да очекуваме доколку референдумот не е успешен и Договорот помеѓу Македонија и  Грција не е ратификуван во парламентите на двете земји?

Договорот склучен помеѓу Атина и Скопје претставува иториски пробив и очекувам да биде ратификуван. Доколку ги изневери очекувањата за потребната поддршка од општеството, очекувам нови напори за постигнување на договор. Поразот не е опција. Спорот за името помеѓу Атина и Скопје требаше одамна да се реши. Балканот треба да тргне напред.

Каква корист ќе има Македонија од членството во НАТО? Економски развој и стабилност, повеќе безбедност и оттарасување од факторот руска закана?

Како што е познато, уште од падот на Берлинскиот ѕид интеграцијата на земјите во НАТО и ЕУ е пропратена со политички и економски добивки, но и со повеќе безбедност. За Русија. Москва работеше напорно да го блокира проширувањето на НАТО, последното беше со фокус на Црна Гора. Сега Москва се обидува и со Македонија, но убеден сум дека Кремљ нема да успее и овојпат. Од моментот кога регионот на Балканот ќе биде интегриран во евроатлантските институции, руското влијание драматично ќе се намали.

Застапник сте на идејата за доброволна размена на територии помеѓу Косово и Србија и дека тоа ќе го реши долготрајниот спор помеѓу Белград и Приштина.

Балканот со децении е во стратегиско лимбо поради косовското прашање. Косово прогласи независност пред 10 години, но Србија се уште не може да се справи со својата загуба, одбива да го признае и прави невољи помеѓу етничките Срби и албанското мнозинство.

Според мое мислење, можен е пробив во решевањето на овој тежок балкански проблем. Имам информации дека претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, работат на предлогот за размена на територии. Со ова може да се реши конфликтот кој тлее со години. Според мене, оваа доброволна размена на територии е мирна форма на етничко чистење и сметам дека ќе биде исправно ако се направи.

Треба да надвладее прагматизмот над принципите. Да се дојде до договор за помирување на  двете страни, после години на крвопролевање и промена на граници што резултираа со распадот на Југославија.

Борис Камчев   MIA

Слични содржини