Челзи го направи првиот потег по „замрзнувањето“ на Абрамович

од Nikola Popovski

Британската влада во четвртокот го замрзна имотот на рускиот бизнисмен Роман Абрамович, како и клубот кој е во негова сопственост Челзи.

На рускиот милијардер му е забрането да го продава клубот, за да не добие никаква корист од „Сините“, а на трибините во иднина ќе можат да присуствуваат само сопствениците на годишни билети. Исто така, клубот не може да потпишува нови и да продава играчи кои се под договор со нив.

Абрамович е еден од четворицата руски олигарси на кои им беше замрзнат имотот, откако беа додадени на списокот на санкционирани поради внесувањето на Русија во Украина.

„Челзи ќе биде подложен на истиот режим на санкции како и господинот Роман Абрамович. Сепак, владата на Велика Британија издаде општа лиценца која му дозволува на Челзи да продолжи со одредени активности“, се вели во соопштението на клубот од Стемфорд Бриџ, додавајќи:

„Денеска ќе ги играме натпреварите на нашите машки и женски тимови против Норич, односно Вест Хем, а потоа имаме намера да разговараме со Владата на Обединетото Кралство за лиценцата. Ова ќе вклучува дозвола за промена на општата лиценца, што би му овозможило на клубот да функционира што е можно понормално. Исто така, ќе бараме насоки од Владата на Обединетото Кралство за влијанието на овие мерки врз нашиот клуб и неговата важна работа во нашите заедници“, соопштија од клубот.

Слични содржини