Чернева: Превирањата во односите меѓу Бугарија и С. Македонија се во интерес на Русија

од Nikola Popovski

Превирањата во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија се во интерес на руските цели. Ова за „БТВ“ го изјавила поранешната советничка на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева.

„Секое такво превирање во билатералните односи не само што го оневозможува вклучувањето на Бугарите во Уставот, туку е и во интерес на Москва“, рекла Чернева.

„ЕУ ќе ги регулира односите меѓу Бугарија и Северна Македонија кога ќе почнат да преговараат за приклучување. Северна Македонија сè уште не ги започнала преговорите бидејќи имаше услов Бугарите да бидат вклучени во Уставот. Оваа промена се уште не се случила, за неа потребни се 2/3 од гласовите на македонскиот Парламент“, објаснила Чернева.

Според неа, имињата на бугарските клубови во Македонија се избрани на тој начин за да ја испровоцираат другата страна.

„Кога отворате клуб за да биде мост за затоплување на односите, не го правите тоа да ја навредите другата страна“, додала Чернева.

Според неа, „на пример, името Цар Борис Трети ги потсетува Македонците на Втората светска војна, кога имало окупаторски трупи од Бугарија“.

„Историски, секој има своја чувствителност. Овде се поставува прашањето што прави дипломатијата, бидејќи тоа е нејзината задача – да гради мостови и да ги решава проблемите пред тие да станат физички“, рекла таа во разговорот за бугарскиот медиум.

Чернева е меѓународно признат експерт за надворешната политика. Порано беше и портпарол на бугарското министерство за надворешни работи, како и секретар на Меѓународната комисија за Балканот.

Слични содржини