ЦУК: Граѓаните затекнати кај Беровско Езеро да не патуваат, за сите потреби да се јават на 112

од Vladimir Zorba

Центарот за управување со кризи издаде вонредна информација за сите лица кои моментно се наоѓаат кај Беровско Езеро – да не тргнуваат да патуваат, а ако имаат потреба од храна и лекови да се јават на 112 во ЦУК, по што од Општина Берово ќе им достават што им е потребно.

Регионалните центри за управување со кризи во Берово и во Штип, во координативна оперативна комуникација преку Секторот за операции и координација, соопштија дека патот Берово-Струмица е во целосен прекин поради врнежите од снег и паднати дрвја по патот.

– Конкретно, патниот правец Берово-Абланица-Беровско Езеро е во прекин поради паднати дрвја на патот. ДЗС и полицијата имале координативен состанок во Берово и било одлучено сите лица кои моментно се наоѓаат кај Беровско Езеро, да не тргнуваат да патуваат, а ако имаат потреба од храна и лекови, да контактираат на 112 и да ги кажат нивните потреби. Потоа, Општина Берово ќе интервенира и преку нивни луѓе ќе им достават што им е потребно, се наведува во соопштението на ЦУК.

Слични содржини