Ефектот од вакцинација против коронавирусот сè уште не се гледа, ќе се види кога ќе се спроведе ревакцинацијата со втората доза и поминат 21 ден од тогаш, а тоа е за еден месец или месец и половина, вели српскиот вирусолог Ана Глигиќ.
Таа за „Танјуг“ рече дека е очигледно дека има помалку нови инфекции на дневно ниво во споредба со пред еден месец, кога имаше повеќе од 7.000, но дека бројот е сè уште многу голем.
Објаснува дека за вирусот сè уште не се знае доволно, дека тој постојано „прави пресврти и изненадува“.
– Таман ќе помислите дека ќе се однесува според некое правило, тој мутира и прави пресврт. Се менува од земја во земја и додека да препознаеме дека имаме нов вид, минуваат месеци – изјави Глигиќ.
Таа е убедена дека британскиот вид не пристигнал во Србија во моментот кога бил откриен во лабораторијата, туку многу порано – во јуни или јули минатата година.
Вели дека постојаните мутации на коронавирусот се неговата борба за опстанок во природата. Таа најмногу се плаши од „мутација врз мутација“ – мутираниот вид повторно да мутира.
– Тоа би значело дека, да речеме, дека британскиот вид на вирусот мутира во нешто друго. Тоа е игра без престан. Човекот не е природен супстрат на коронавирусот, тој е случајно меѓу нас. Тој е навикнат на клетките на диви животни и се бори за опстанок во човечкото тело. Во таа борба, тој го менува својот темперамент – мутира за да преживее – објаснува таа.
Забележува дека потеклото на вирусот е сè уште непознато и дека сè уште нема заклучоци за тоа, познато е дека тој бил препознаен во Кина, во Вухан, но дека сè уште е отворено прашањето дали сè започнало таму.
– Не е исклучено да започнало на друго место. Гледате, Светската здравствена организација нема заклучок. Првпат беше откриен во Вухан, Кина, но прашање е дали започна таму – наведува таа.
Има најголеми очекувања и верува во вакцинацијата.
На прашањето да ја спореди епидемијата на коронавирус со епидемијата на вариола и колку е различна борбата, таа рече дека е неспоредлива.
Како што вели, кога во Југославија имало епидемија на вариола во 1972 година, имало многу вакцини и сè било познато за таа болест.
-Тогаш имавме со што да се бориме (вакцини), имавме прецизно обележани жаришта, ги имавме истите препораки за однесување за сите влади во светот, а вирусот не мутираше – изјави таа.