Д-р Мехмедовиќ апелира да не се крева паника: Не сме на раб на епидемија на Конго-кримска хеморагична треска

од Nikola Popovski

Портпаролот на Комисијата  за заразни болести, Злате Мехмедовиќ смета дека не треба да се крева паника во однос на новата состојба со Конго-кримска хеморагична треска. Порачува дека не се очекуваат повеќе вакви случаи во блиска иднина.

Од она што го виделе од Институтот за јавно здравје, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.

Како што информира Мехмедовиќ, не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување.

Не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето, истакнал Мехмедовиќ.

По потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27 годишна возраст, вработен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС), кој беше идентификуван како контакт со среден ризик, на деветиот ден од надзорот пројави симптоми, и согласно добиените резултати од страна на ЕПИ Одделот на ИЈЗ, е утврден позитивен случај на Конго-кримска хеморагична треска, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Оттаму информираат дека пациентот е хоспитализиран на Клиниката, а Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје, веднаш формирал екипа за теренски увид која ги спроведе потребните активности, односно изврши анкетирање на пациентот и ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста.

Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите.

Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица.

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 13 дена.

Слични содржини