Дајли Мејл: Запрете ја посетата на насилникот Трамп

од Марта Пешевска
200 прегледи

Дејли Мејл, познат како еден од највлијателните британски десничарски таблоиди кој со години покажува симпатии кон Доналд Трамп, денеска објави јасен пресврт на својата насловна страница.

Големиот наслов гласи: „Запрете ја посетата на насилникот Трамп“, повикувајќи ги британските власти да ја откажат државната посета на американскиот претседател по, како што велат, неговото понижување на украинскиот лидер Володимир Зеленски.

Како што се наведува во насловната страница на „Мејл“, повиците за откажување на посетата на Трамп доаѓаат „во време на бес поради понижувањето на Зеленски на кое украинскиот претседател беше подложен“ во Овалната соба. Во текстот се наведува и дека британскиот крал денеска го прима Зеленски во Сандрингем, додека во исто време пратениците и другите високи функционери бараат на Трамп да му се оневозможи церемонијален пречек.

На насловната страница има и фотографија од вчерашната срдечна средба меѓу британскиот премиер Кир Стармер и Зеленски со наслов: „Така да се третира воен херој.

Прегратка на премиерот пред самитот Дејли мејл ја нагласува како дополнителен контраст кој го истакнува третманот на Зеленски од страна на Британија и навредите на Трамп во Вашингтон.

Ваквата постапка на Дејли Мејл е особено значајна бидејќи тоа е весник кој досега прилично доследно го бранеше Трамп, редовно ја поддржуваше неговата политика и беше гласен критичар на европскиот естаблишмент и либералните лидери.

Јавното излагање против Трамп, во време кога односите меѓу Вашингтон и Киев се сериозно затегнати, покажува колку судирот на Овалната соба со Зеленски одекна дури и помеѓу поранешните медиумски сојузници на Трамп.

Дејли Мејл е еден од најчитаните дневни весници во Велика Британија. Често се натпреварува за првото место со таблоидот „Сан“, а според достапните податоци, редовно е на врвот на листата на најпродавани печатени весници и е еден од најпосетуваните британски портали за вести.

Слични содржини