Дали Македонската филхармонија ќе добие партиски директор-Вработените обвинуваат, министерот за култура демантира

од Марта Пешевска
24 прегледи

Вработени во Македонската филхармонија одржаа мирен протест пред Министерството за култура и туризам, причина за протестот се сомнежите на потенцијална департизација во однос на изборот на директор на оваа институција.

Владимир Лазаревски од Синдикалната организација на вработените во Македонската филхармонија за време на протестот истакна дека преку конкурсот за директор на Македонската филхармонија треба да се избере најквалификуваниот, а не партиски договорениот кандидат.

,,Пред неколку дена министерот за култура и туризам Зоран Љутков во изјава за еден медиум рече одлуката кој ќе биде директор на нашата институција може да биде и политичка. Го повикуваме денеска министерот да ни одговори нам и на јавноста, зошто се спроведува конкурс, ако одлуката е политичка? Зошто се ставаат во нерамноправна позиција останатите кандидати? Како може одлуката да биде политичка, кога вработувањата не смеат да бидат предмет на договор меѓу политичките структури? Дали Љутков со оваа изјава и официјално потврдува дека департизацијата и мерит системот беа само декларативна предизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Дали кандидатите треба да бидат врвни професионалци или да ја одразуваат политиката кои ја водат тие како партијa” изјави  Лазаревски.

Од синдикалната организација во филхармонијата побараа одговор од министерот Љутков зошто по секоја цена на незаконски начин, се туркаат меѓу партиските договорени кадри. Оттаму напоменаа дека имаат информација дека Мустафа Имери не доставил комплетна документација, иако во конкурсот јасно е назначено дека некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат.

,,Со тоа се крши Законот за култура и условите од конкурсот, се со цел да се истера меѓупартискиот договор меѓу Вреди и ВМРО-ДПМНЕ и да се назначи договорениот кандидат за директор на нашата институција. Дополнителните изјави на вицепремиерот Изет Меџити за вработување на илјадници Албанци во јавната администрација, освен што одат во прилог на тезата за целосна партизација на јавната администрација, се уште се една потврда дека доколку се избере Имери, не се почитуваат ниту законите во оваа држава” посочи Лазаревски.

Со официјален став се произнесоа и од министерството за култура. Оттаму информираат дека Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор е според закон и ги отфрлија денешните обвинувања за време на протестот.

,,Во врска со денешниот протест на вработените во Националната филхармонија информираме дека Министерството за култура и туризам работи согласно со Законот и дека изборот на директор на оваа институција ќе биде исклучиво согласно позитивните законски прописи. Во тој контекст Ве информираме дека Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на НУ Филхармонија согласно Законот за општа и управна постапка (ЗОУП) до учесниците во конкурсот достави барање за дополнително појаснување во однос на доставената документација, што било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонијата. Министерството ги отфрла тврдењата искажани на денешниот протест. Апелираме до вработените и до целокупната јавност да имаат доверба во институционалниот процес кој се спроведува исклучиво согласно со законот,, стои во соопштението на министерството за култура.

 

 

Слични содржини