Дали Панчевски заборавил на Кодексот на судиската етика кога ги земал хонорарите од Министерството за правда?

од Aleksandar Todeski
575 прегледи

Со низа навредливи зборови кон новинарите, суспендираниот судија, обвинет за малверзации со АКМИС системот и осуден за мобинг, Владимир Панчевски преку Фејсбук реагираше на текстот на Локално дека додека бил претседател на Кривичниот суд, добивал хонорари од Министерството за правда.

„Преку УСАИД ја открија Америка! „Панчевски лапал хонорари од Министерството за правда!” Не бе другари од комитетот на Заев и Дескоска комуњари, Панчевски одработил на барање на министерството и изработил испитни прашања за правосудниот испит на кои од тогаш до денес полагале и се уште полагаат идни генерации адвокати, судии и обвинители од кривична материја. Надоместот е еднократен! Не е ниту скриен ниту за фикција како “доверливост” или “тежина и сложеност на работа. Сепак тогашното Министерство за правда го ценело трудот на Панчевски и му платило еднократно, ваков симболичен износ за трудот и посветеноста“, пишува Панчевски. 

Тој реагира дека новинарите наводно зеле повеќе од неговиот надомест, но и се навраќа на износите кои обвинителите од СЈО ги зеле, а јавноста ги дозна исто така преку алатката „Отворени финансии“.

„Прашање е што сработија сите останати прозивани деновиве кои само за еден месец земаа хонорари до пет пати поголеми од оваа еднократна исплата на Панчевски и месец по месец земаа милионски износи на грбот на граѓаните, многу ме интересира што е материјализација на нивниот труд до сега! Очигледно е дека со новинарскава нарачка во текстов се прави ретроспектива на политичкиот прогон врз мене кој го спроведува политичка партија на чело со Заев, Шеќеринска и Десковска, кои директно се инволвирани во нарачки за обвинението за судскиот АКМИС, каде учествуваа од нив добро платени судии како Лазар Нанев, Зоран Димитриевски, па се наведува дека мобингуван е добро платениот советник на Заев раководителот за човечки ресурси во Кривичен Горан Стаменковски, а на крај демек Панчевски е на листа на извештај на Стејт Дипартмент. Да ги запрашаме наведениве што сработија за дебелите хонорари? Ако е политичкиот прогон како политичката нарачка за текстов јасно е“, завршува Панчевски.

И покрај долгата реакција во која судијата обвинет за малверзации со АКМИС системот, тој заборавил да го провери порталот Локално, каде со сигурнст ќе најде текстови за милионските хонорари кои може да се најдат и на алатката „Отворени финансии“. Очигледно за судијата полесно е да ги навредува новинарите и да ги доведува во корелација со одредени политички структури секогаш кога ќе се објават текстови кои не се по негов терк.

Ако е толку добар судија како што самиот се претставува, би требало да знае дека и еден денар земен од државна институција, додека ја врши судиската функција, а во неговиот случај, претседателска функција во Киривчниот суд во Скопје, е аларм за можна пристрасност и корупција, што е наведено и во Кодексот на судиската етика донесен во 2014 година, каде е наведено „Секој судија е должен да ги препознае и да се заштити од случаите кои се подведуваат под судир на интереси и корупција“, нешто што тој не го препознал една година подоцна, кога ги зел двата хонорара од Министерството за правда.

Го потсетуваме Панчевски дека и неговото јавно однесување преку социјалните мрежи, особено кон медиумите се коси со Кодексот, каде јасно е наведено дека „Судијата, со своето однесување како во судот така и надвор од судот, придонесува за одржување односно подобрување на довербата на јавноста, правната професија и подобрување на довербата кај странките во непристрасноста на судијата и на судството“.

Александар Тодески

Слични содржини