„Ееееј, Македонијо, ти си бисер Балкански“, ечеше синоќа пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ додека нивните поддржувачи и членови на партијата, заедно со лидерот Христијан Мицкоски го славеа резултатот од првиот круг од претседателските избори. Нивната кандидатка Силјановска – Давкова во вториот круг влегува со повеќе од двојна предност пред нејзиниот опонент, Стево Пендаровски. Ваквиот резултат зачуди многумина, со оглед дека дури ниту последните анкети не прогнозираа за ваква разлика, во пресрет на парламентарните избори.
Со дел од аналитичарите во земјава, поразговаравме околу темата дали со освоени над 360.000 гласови, Мицкоски успеа во намерата „гласајте за да не трпиме уцени“, мислејќи пред се на партиите од албанскиот блок. За политикологот Иво Ранѓеловиќ, пораката од вчерашните резултати, поткрепена и од релативно големата излезност, укажува на тоа дека народот не е задоволен од сервилноста на актуелната власт кон албанскиот фактор генерално, а кон ДУИ конкретно.
-Тука се надоврзуваат и растечкиот евроскептицизам, односите со Бугарија, и над се би рекол неуспехот во процесуирањето на судските случаи од претходната власт, односно неиспорачување на правдата, објаснува во разговор за „Локално“.
Според него, разликата рефлектира масовно незадоволство и смета дека тешко нешто може да го промени овој бран.
-Прегрупирање на гласовите во вториот круг не е апсолутен процес, граѓаните не се потчинети партиски субјекти, барем не апсолутно сите. Пораката е доволно јасна за вториот круг да биде само формалност, дециден е Ранѓеловиќ.
На прашањето колку победата на Силјановска е удар за европската перспектива на Македонија, како што вели екс-премиерот Димитар Ковачевски, политикологот оценува дека прерано е да се цени како ќе се одвива европската перспектива доколу Силјановска стане претседател, особено ако се земе предвид дека евро-интегративниот процес е дел од ингеренциите на извршната власт.
-Но, важно е да се напомене дека граѓаните дадоа шанса и со промената на името да се плати цената за отворање на поглавјата со ЕУ, а за возврат добија вето од соседот со кој актуелната власт гаеше најдобри односи, заклучува соговорникот.
Од друга страна, Димитар Николовски – извршен директор на ЕВРОТИНК оценува дека стратегијата на примарно напаѓање на ДУИ од страна на ВМРО-ДПМНЕ роди со успех. Како што вели, ова е повеќе сигнал на незадоволството од коалицијата СДСМ-ДУИ, отколку успех на Силјановска како кандидат.
Во однос на намерите на Мицкоски и неговите изјави, Николовски во разговор за „Локално“ смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е се поблиску до исполнување на целта, но сепак не значи дека нема да има коалицирање и договарање со албански претставници.
-Поради политичката пракса, а и поради притисокот од западните партнери, ќе мора да се коалицира и да се дадат одредени концесии, кои веќе нема да бидат нарекувани како „уценување“, посочува соговорникот.
Иако се претпоставува дека најголем дел од албанските гласачи ќе го подржат Пендаровски во вториот круг, додава Николоски, сепак можни се договори помеѓу ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на Силјановска.
-Исто така, финалниот одговорот на ова прашање во голема мера ќе зависи од одлуката кого ќе поддржат граѓаните кои гласаа за Максим Димитриевски во првиот круг, објаснува директорот на ЕВРОТИНК во однос на тоа дали е познат однапред победникот во вториот круг.
Според него, самата победа на Силјановска не е удар за европската перспектива на државата, затоа што, како што вели, таа не се претставува како анти-европски кандидат.
-Ова прашање ќе зависи многу повеќе од резултатите на парламентарните избори, и тоа како ќе изгледа владејачката коалиција, порачува Николовски.
Силјановска-Давкова и Пендаровски ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај заедно со парламентарните.
На последните избори во 2019 година, Силјановска-Давкова загуби во вториот круг од Пендаровски, кој триумфираше благодарение на гласовите на Албанците кои му помогнаа да го промени водството на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ од првиот круг на изборите.
Дали на 8 мај ќе има пресврт на резултатите, останува да видиме, но врз основа на големата разлика меѓу Силјановска и Давкова од околу 180.000 гласови, на Пендаровски му е потребна поддршката од двајцата кандидати Албанци за претседател Бујар Осман и Арбен Таравари, кои заедно добија околу 200.000 гласови.
На прашањето кој кандидат ќе го поддржи на 8 мај, Таравари одговори: „Сè уште не сме одлучиле. Како коалиција мора да седнеме и да разговараме за ова прашање“.
Сепак, тој синоќа добил порака од Мицкоски кој му честитал за постигнатиот резултат на изборите и изразил подготвеност да зборува за учество на албанската опозиција во идната влада по 8 мај.
Н.П.