Неблагодарно е да се гледа ваков анти-цивилизациски чин низ призма на политички поени. Но, без разлика на тоа, инцидентот не се случи во вакуум и секако дека ќе се одрази на изборните резултати, вели во разговор за „Локално“, експертот за безбедност, дезинформации и комуникации, Емир Хасановиќ за обидот за атентат врз Доналд Трамп и дали по ваквите настани се очекува негова загарантирана победа на американските избори во ноември.
Дополнително, смета Хасановиќ, не е само инцидентот туку и реакцијата на поранешниот претседател и начинот на кој што неговиот тим капитализираше на емоциите на јавноста што суштински ќе има ефект врз остатокот на кампањата.
-Иако не очекувам да ја диктира целата кампања, ова ќе има позитивен одраз врз напорите на Трамп за нов мандат во Белата куќа, оценува Хасановиќ.
САД имаат историја на напади врз претседатели. Пушки како онаа со која беше пукано врз Трамп можат да се купат за илјада долари низ САД. Четворица американски претседатели се убиени додека биле на функција. Секој пат по пукање се појавува темата за користење на оружје, но ситуацијата никако не се разрешува. За причините за ваквиот однос кон оружјето во Америка, Хасановиќ вели дека тоа е тема за докторска дисертација, но краткиот одговор е мошне културолошки зачинет со политичко влијание.
-Историјата на создавањето на Соединетите Американски Држави, Уставот и акцентот на индивидуалноста, слободата и самосотојноста на поединецот се она што го прави ова прашање толку големо. Самоодбраната и самонаоружувањето се вториот амандман на тамошниот Устав веднаш по слободата на говорот што укажува на тоа колку се впрочем битни овие прашања за американските граѓани. Она што дополнително ја усложнува ситуацијата е НРА (National Rifle Association), една од водечките лоби групи во САД која се залага за либерализација на оружјето. Оваа интересна група има големи ресурси на располагање и поддржува кандидати кои се блиски до нејзините ставови веќе долго време. Така да ова прашање е многу поларизирачко во САД и не е тема на која републиканците и демократите ќе се сложат во скоро време. Но, интересен е случајот со Австралија, која по случај на масовно пукање драконски се постави кон личното наоружување и со тоа, според статистиките, речиси го реши проблемот на насилство со огнено оружје, објаснува аналитичарот.
Околу најавите дека доколку стане старо-нов претседател, за 24 часа може да ја запре војната во Украина, Хасановиќ истакнува дека проблемот меѓу Украина и Русија не го започнал поединец, ниту за 24 часа, па нема ниту поединец да го реши, а уште помалку за 24 часа. Според него, интересите на Руската федерација се јасни и децидни, а мисијата на Украина е исто така кристална.
-Поедноставувањето на работите може да биде опасно, а мислам дека тоа го знае и тимот на Трамп кој е сочинет од искусни професионалци. На крајот од денот, не мислам дека Пентагон како институција ќе потфрли во оваа ситуација. Поголеми се шансите дека помошта нема да се доставува доволно редовно и глатко поради разидувањата во Конгресот и Сенатот што може да има краткорочен импакт врз украинските сили и нивната способност да ги одржуваат фронтовите. Битно е да се напомене дека и Руската Федерација не е во најсјајна положба од аспект на воени капацитети, наведува експертот за безбедност.
На прашањето што ЕУ може да очекува доколку Трамп се врати во Белата куќа, Хасановиќ смета дека Европската унија може да очекува многу малку. Соработката ќе биде на ниско, административно ниво и фокусирана на трговија.
-Следејќи ги ставовите на Трамп, очигледно е дека неговата преференца во Европа е да се држи до билатералните врски и партнерства. Мислам дека не гледа политичка моќ во Брисел и затоа не ги интерсира. Чувството е взаемно меѓу ЕУ и Доналд Трамп така да мислам дека ЕУ ќе мора да најде начин да го истакне своето политичко влијание, ако тоа воопшто постои кога ќе се земе предвид дека одамна немаме видено силен политички потег од административен Брисел. Европската унија полека, но сигурно со банални случаеви како спорот со Бугарија, долгиот пат за членство на Балканот, немањето на визија за Грузија, Молдавија и Украина само отвара нови жаришта. Ќе мора нова генерација на европски политичари да го размрдаат летаргичниот богат старец од Берлајмон бидејќи очигледно ова сега не функционира, барем за сите освен еврократите од Брисел, заклучува Хасановиќ.
Трамп веќе пристигна во Милвоки, каде што започнува четиридневната Националната конвенција на Републиканците на која официјално ќе биде прогласен за кандидат на партијата за Белата куќа. По обидот за атентат, неговите поддржувачи со собири во сојузните држави изразија поддршка. Активистите во Милвоки на првиот ден од Републиканската национална конвенција велат дека ќе ги продолжат плановите за маршеви и митинзи.
Американската тајна служба за инцидентот прстот го впери во локалната полиција на Пенсилванија. Објави дека нивна одговорност била да го обезбеди покривот од кој беше застрелан поранешниот претседател. Од таму уверуваат дека имаат безбедносни планови за моменталната Републиканска национална конвенција.
Трамп беше застрелан во десното уво за време на предизборен митинг во Пенсилванија. По нападот, ликвидиран е 20 годишник чијшто мотив сè уште е мистерија. Инспекторите велат дека дејствувал сам пред да биде смртно застрелан од агенти на Тајната служба. Во нападот загина и еден случаен минувач, а тешко беа ранети две лица.
Н.П.