Дамева поднесе оставка од функцијата во Судскиот совет

од Nikola Popovski
58 прегледи

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева денеска на прес-конференција информира дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. Според нејзините зборови, во последните месеци од страна на одредени политичари и тоа од собраниската говорница, се правеле обиди за нарушување на нејзиниот интегритет. Го впери прстот во премиерот Христијан Мицкоски.

-Во неколку наврати, тој и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Во телевизиско гостување, истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. Поразително е за една демократска држава, кажа Дамева.

Претседателката на Судскиот совет го истакна и името на пратеникот Антионио Милошоски. Според неа, биле изречени сериозни закани за кривична одговорност, толкувајќи една правна ситуација, која според неа, е далеку од правото и правната доктрина.

Таа информира дека најтешко што ѝ паднало што „нарачани текстови се споделувале по одредени портали со соддржина за да се оцрни и да биде прикажана како влијае во судски постапки“.

-Кога совеста ти е чиста, ништо не може да ти го наруши сонот. Се спротивставив на тогашната власт, се спротивставувам и на оваа. Останувам како член на Советот, секако доколку тоа не ми биде скратено предвреме. После директните закани, нема да ме изненади дека тука ќе се запре и убедена сум дека нема да имам мир. Останувам љубопитна да видам на кој начин и преку која институција ќе се спроведе тоа. Тоа ќе го издржам, но нема да можам да издржам ако се посегне по безбедноста на моето семејство, додаде Дамева.

Слични содржини