Дебата: Членството во НАТО нема алтернатива

од desk2

Сите земји-членки на НАТО навистина сакаат да ја видат Македонија во Алијансата, вклучувајќи ја и мојата земја, потенцира Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во РМ на денешната дебата на тема „Дебатираме за НАТО“ во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции, со поддршка на МНР и Амбасадата на Холандија.


Потсетувајќи дека Холандија ја поддржува Македонија во реформскиот процес во изминатите 28 години, оцени дека договорот од Преспа не е перфектен, но важно е што е постигнат компромис.

– Договорот од Преспа не е перфектен. Не постои перфектен договор. Поддршката е и се цени компромисот, не деталите од договорот, туку за фактот дека двете страни се подготвени и имаа волја и тоа го направија, рече Пломп, додавајќи меѓу другото оти дипломатија значи одбрана на интересите на земјата

Според него, во предностите од членството во НАТО, најчесто е економскиот бум и безбедноста, а суштина е рамноправно седиште на масата со другите земји-членки.

– Во Македонија среќата има цена, несреќата има многу поголема цена, рече на македонски јазик Соломон Паси, поранешен министер за надворешни работи на Република Бугарија, кого модераторот Васко Попетревски го нарече Натофил. Го имате моментот и референдумот, само направете го тоа, порача Паси во чие министерување Бугарија беше примена во НАТО.
Никола Тодоров, адвокат и поранешен вицепремиер и министер за здравство, потсетувајќи дека во 2001 година како студент бил прв претседател на младината на Евроатлантскиот клуб на РМ, потенцира дека во тоа време довербата во НАТО била разнишана, но, како што рече, и тогаш но и денес го имиа истиот став, а тоа е дека Македонија мора да биде членка на НАТО.
– Тоа е начинот на кој, според мене, се затвора македонското прашање. Некој ќе рече ова е драматично, но мислам дека ова е реалистично и е патот кој Македонија мора да го изоди и мора да стане дел од ова семејество, рече Тодоров.

Некој ќе рече, подвлече, НАТО нема алтернатива за Макеоднија, јас ќе речам, истакна Тодоров, дека има.
– Научив во овој период дека за се има алтернатива, но прашање е колку чини таа цена на другата алтернатива и дали е подготвен некој во Македонија да плати таква цена, истакна Тодоров.
Правејќи краток хронолошки преглед за тоа зошто е основана Алијансата, Исмет Рамадани, претседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, нагласи дека непишано правило е прво НАТО па ЕУ. Прво безбедност, стабилност слобода, а потоа успеваат демократските вредности – институции.

– Договорот значи отворена врата за членство во НАТО и ЕУ, а е постигнат кога треба да се игра финале. 25 години преговараме, разговараме, сите влади. Немаше влада која не беше за да се најде компромис. Го решивме прашањето за името со голема креативност на луѓето кои преговараа и дојдовме до ситуација кога решаваат граѓаните. Со членството во НАТО ние сме во клубот на најбогатите, најсилните, најдемократските држави во светот. Ако е така зарем уште треба да размислуваме дали да гласаме „За“. Секоја друга алтернатива воопшто и не е логична, изјави Рамадани.

За искуствата на Црна Гора со членството во Алијансата говореше, Драган Копривица, претставник од НАТО Инфо Центар – Црна Гора. Тој изрази надеж референдумот ќе биде успешен и граѓаните ќе бидат доволно паметни да го остават минатото назад и да гледаат во иднината на земјата.

Слични содржини