Ден по ЕКСПЛОЗИЈАТА ВО ПАРИЗ: 6 лица во критична состојба, едно исчезнато

од Vladimir Zorba

Шест лица се во критична состојба, а едно лице се уште се води како исчезнато во четвртокот, еден ден откако силна експлозија одекна на улица во близина на Латинскиот кварт, соопшти обвинителството.

„Тие бројки сè уште можат да се променат“, изјави обвинителката Мејлис Де Роек за Ројтерс, додавајќи дека околу 50 луѓе се ранети во експлозијата.

Експлозијата предизвика пожар во неколку згради, а фасадата на едната се сруши на улицата.

Од двете лица кои првично се сметаа за исчезнати, едното е пронајдено во болница, додаде обвинителот. „Потрагата по второто лице е во тек“.

Властите се уште не соопштуваат што ја предизвикало експлозијата, но очевидци велат дека дошло откако се почувствувал силен мирис на гас.

Експлозијата предизвика хаос на историската улица Сен Жак, која води од црквата Нотр Дам до Универзитетот во Сорбона, токму во моментот кога многу луѓе се враќаа од работа, нешто пред 17 часот.

Ја уништи фасадата на зградата во која се наоѓа Американската академија за дизајн во Париз, популарна меѓу странските студенти.

Флоренс Бертоу, градоначалничката на парискиот кварт каде што се случи експлозијата, изјави дека 12-те студенти кои требало да бидат во зградата за среќа биле на изложбата.

Во јануари 2019 година, истекување на гас во 9-тиот арондисман на Париз предизвика експлозија во која загинаа 4 лица, а беа повредени 66. Во април истата година, во катедралата Нотр-Дам избувна пожар, уништувајќи поголем дел од покривот.

Слични содржини