Партијата Десна обвинува дека постојат „двојни аршини и стандарди за постапување“ при апсењето на други лица и апсењето на нивниот член Љупчо Палевски-Палчо. Го обвинуваат директорот на затворот во Скопје, Филип Андов дека работи спротивно на законот. Исто така бараат одговори од Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи.
Партијата прашува „кој и како дозволил информацијата за спровод на Палевски од Шутка до Судот да биде пробиена“?
-Ова НЕ е прв пат, истиот овој директор на Затвор, туку по втор пат, првото носење на писменото барање до Судот го сподели со “новинарите” и сега пак спроводот до Судија на претходна постапка, пак го споделува со “новинарите, стои меѓу другото во објавата на Десна.
Во меѓувреме, определена мерка е притвор во траење од 30 дена за Палчо. Беше спроведен во Кривичниот суд на распит пред судија на претходна постапка за да се произнесе по мерката притвор определна во негово отсуство. По час и половина беше вратен во истражниот затвор „Скопје“. Ова е негов прв исказ пред истражните органи во државава. Пред камерите изјави дека не го извршил убиството на Вања и Панче.
Палевски доби адвокат по службена должност откако ниту еден од тројцата предложени од негова страна не се согласи да го застапува во постапката.
Тој беше уапсен во Турција. По пет месеци во екстрадициски притвор, минатата недела е испорачан на македонските власти. За тројцата соизвршители во двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот велешанец Панче Жежовски се затвора обвинението. Осомничени се и двајца за помагање, еден од нив е таткото на Вања, кој е во домашен притвор.