Димитриевски: Во Македонија имаме паралелна држава водена од партиски седишта бидејќи државата дефакто ја владее ДУИ, а СДСМ е само декор

од Stefanija Kuzmanovska
665 прегледи

Господинот Ахмети е лидер на политички субјект, а местото на косовскиот министер е во кабинетот на нашиот министер за транспорт и врски. Не се даваат изјави од партиско седиште, се даваат изјави од државни институции. Ако ние зборуваме за меѓудржавни проекти за поврзување што се корисни за сите, бидејќи регионот треба да се поврзе, тоа се зборува на ниво на институции. Со ова се покажува дека ние во Македонија всушност имаме паралелна држава којашто се води од партиски седишта и тоа е недозволиво, вели градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски коментирајќи ја денешната прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица каде Ахмети заедно со косовскиот министер за транспорт и врски Либурн Аљиу најавија изградба на пат од Тетово до Призрен.

Според Димитриевски, таквиот пристап е за крајна осуда, велејќи дека ДУИ на националната агенда во континуитет со одредени споменици и проекти се афирмира во електоратот и токму затоа денеска се зборува за паралелна држава.

„Државата всушност дефакто ја владее ДУИ, а СДСМ, односно лидершипот на оваа партија во која јас со години бев е само еден декор во власта“, истакнува тој.

Димитриевски му порача и на Груби наместо да дава изјави за посетата на Курти, да излезе и на јавноста да и објасни што тоа се случува со проектот Коридор 8, целата таа фамозна помпа околу проектот Енка-Бехтел и зошто уште до ден денеска една лопата не е удрена таму на лице место, а државата плати повеќе од 150 милиони евра и донесе закон во сомнителни околности, нарекувајќи го сето ова преседан.

Во своето излагање во емисијата „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија, градоначалникот Димитриевски се осврна и на изјавата на неговиот поранешен колега од општина Гњилане во однос на Курти.

„Градоначалникот на Гњилане од Косово, Љутфи Хазири рече дека всушност господинот Курти Косово го скара со Албанија, го скара со Црна Гора, сега во моментов и со Македонија и мислам дека факторот на дестабилизација во регионот токму доаѓа од таму“, додава тој.

Слични содржини