Стратегијата за национална безбедност (СНБ) на Белата куќа од 33 страници, објавена минатата недела, ги привлече насловите со пристапот „Америка на прво место“ во кој „деновите кога САД го потпираа целиот светски поредок се завршени“. Според претседателот на невладината „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров, овој документ не може да ја преобликува Европа, но дефинитивно го опишува новиот облик на трансатлантските релации, којшто се наговестуваше веднаш после доаѓањето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Оценува дека пораките дека Европа мора да биде далеку поодговорна за својата иднина, не се ништо ново и тие им се познати и на самите европски челници и смета дека не нужно овој Документ може да има само негативни страни.
-Идејата дека нашиот континент не може да се потпре веќе толку на САД може и да инспирира (како што впрочем тоа и го прави низ некои земји членки) дебата и акции за тоа како и Европа да биде обединета и силна, и како таква и – позначаен фактор на геополитичката сцена. Политиката на проширување, на пример, е еден од сегментите каде овој документ има влијание, и тоа самата ЕУ и отворено го кажува. Министерката за Европа на земјата претседавач со Унијата, Данска, Мари Бјер во своето интервју токму за македонската публика, јасно кажа дека новиот „моментум“ во проширувањето, покрај тоа што се должи на руската агресија врз Украина се должи и на новите односи со САД, вели Димитров за „Локално“.
Во документот се зборува дека „Европа се соочува со можноста од цивилизациско уништување“. Запрашан на што САД го базираат ова тврдење, Димитров истакнува дека е факт како Европа и населението старее. Најновите податоци се дека просечната старосна возраст на континентот е околу 43 години, со што ние сме „најстариот“ континент во светот.
-Ама веднаш тука е и САД, со просечна возраст од речиси 39 години. Ако ја земете предвид пак Африка, каде просечната возраст е 19 години (таа е и “најмлад” континент) сликата е многу јасна. Анализите на тој документ се однесуваат не само на миграцијата, туку и на капацитетите на ЕУ да носи брзи, ефикасни одлуки, кои истовремено ќе бидат базирани врз суштинските вредности на Унијата, а ќе ги адресираат сите предизвици на новото време. Структурата на ЕУ, самиот начин на одлучување, различните национални интереси и визии на членките, сето тоа го прави функционирањето на таа заедница далеку покомплексно од она на САД, да речеме. И за ова е свесна и самата ЕУ и токму затоа се поинтензивни се дебатите за внатрешни реформи и во овој поглед, наведува претседателот на „Солуција“.
Околу тоа дали може да се смета за мешање во внатрешните работи на другите земји, тоа што во документот пишува „„ќе ги наградиме и охрабриме владите, политичките партии и движењата во регионот кои се во голема мера усогласени со нашите принципи и стратегија“, соговорникот укажува дека малку е наивно да се зборува за таква констатација од страна на земја која по дефиниција е една од големите светски сили со коишто не само поединечните европски држави, туку и континентот имале традиционални силни врски на соработка и заеднички пристап.
-Да, новата администрација нема усогласеност со многу од политиките и визиите на ЕУ и тоа е факт, како што впрочем е факт дека документот очигледно се заснова на различна идеологија. Но, нема ништо нелогично во идејата дека ваква САД ќе биде сојузник на оние кои ги делат нејзините визии. Тоа е сега само транспарентно кажано. Останува на Европа и на самите земји членки да го изберат својот пат и соодветно да се позиционираат, оти ова може да биде свртено и обратно – зошто ЕУ не ги награди и охрабри посилно политичките сили и движења кои се залагаат за нејзините вредности и не биде подиректна во санкционирањето на силите и движењата кои нив ги минираат, вклучително и на сопствените членки, па секако вклучително и во однос на политиката на проширување!?, прашува Димитров.
Сепак, тој додава дека ова се тешки времиња за либерализмот низ целиот свет. Според него, во самата САД гледаме различни струи, различни мислења, силна поларизација. Во таа смисла, битката не е завршена и во самата САД.
-Инаку, либералните сили изгубија многу, главно поради идејата дека можат да флертуваат со непринципиелноста мислејќи дека тоа ќе им биде простено. Историјата учи дека прогресивната мисла не трпи лицемерие, лаги и маски. Ако вашите гласачи ве фатат дека глумите, казната е неминовна. Без разлика дали тука се работи за темите од корпусот на човекови права или за борбата против корупција или владеењето на правото. Кога оваа лекција ќе се совлада вистински ќе има надеж за посилни либерални општества, без разлика дали има или не голем сојузник зад нив, рече Димитров.
За политиката на Македонија кон САД и претседателот Трамп и дали тоа е стратегија која ќе ни носи поволности на долг рок, барем според напишаното во овој документ, екс-министерот за надворешни работи повторува дека ова се многу тешки времиња, потсетувајќи на завчерашната изјава на генералниот секретар на НАТО дека Европа треба да се подготвува за војна, таква каква што војувале нашите дедовци и прадедовци.
-Замислете го овој наратив! Светот живее во предвоена хистерија. Македонија не може да си дозволи да прави ниту нови непријатели, а камоли нив да ги создава од историските пријатели и стратешки сојузници. Ние имаме одговорност да го гледаме нашиот интерес, а притоа да ги запазиме клучните европски вредности кон кои се стремиме, без разлика колку се тие загрозени и во самата ЕУ. Изнаоѓањето на тој совршен баланс е она што е потребно и каде мора да сме мудри и способни. Обично се вели дека малите држави го немаат луксузот да бидат принципиелни. Јас, сепак, мислам дека простор за принципелност на големите прашања има, и наша задача е тој баланс, што го споменав, вешто да го постигнеме, заклучува Димитров.
Н.П.