Димовски вели прекршени се сите правила, Груби му возврати: Институциите ќе кажат дали е така

од Aleksandar Todeski

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на седницата на Комисијата за европски прашања побара збор процедурално на уште не почната расправа, тврдејќи дека имало процедурални пропусти за Законот за Јавно обвинителство и Законот за Советот на Јавни обвинители.

Фото: Борче Поповски

„Медиумите повикувајќи се на извори од ДУИ кажаа дека Законот не бил истиот кој бил усогласен на влада. Ако е тоа вистина, станува збор за фалсификување на одлуки на владата, што е првиот пропуст. Втората постапка која е направена во насока да се исправи грешката е уште потешка. Јас сум прилично долго во Собранието. Не се случило владата да повлече било каков текст без владина одлука. Одлука на влада за повлекување на претходниот текст, кој Џафери го пушти утрината, не постои како постапка. Не смее канцеларија во Собранието да менува било што без да помине во владата. Законот дојден во Собрание е акт на Собранието, не е веќе на владата“, рече Димовски.

Пратеникот кажа претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби може да каже дека формално правно е во ред, но дека владата не смее да го прави она што вчера било според него прекршено.

„Имате добри правници во партијата, министерката Рената Дескоска ми била професор на Правниот факултет. Јас сум свесен, мнозинството го имате, нема да ве тангира ова, но овде се прекршени сите правила“, додаде Димовски.

Претседателот на Комисијата, Артан Груби возврати дека има институции во државата кои треба да кажат дали Илија Димовски е во право или не, по што го предложи дневниот ред на Комисијата.

А.Т.

Слични содржини