Директор на авиокомпанија повикал 10-годишно дете на состанок

од desk2
147 прегледи

Десетгодишно момче било повикано на состанок со Алан Џојс, директор на авиокомпанијата “Qantas” откако му испратило писмо во кое барало помош.

Алекс Жакот, млад авио-ентузијаст, во писмото објаснил дека тој е “директор на сопствена авиокомпанија” и побарал совети од господинот Џојс.

“Јас сум Алекс Жакот, 10-годишно момче (ве молам сериозно да ме сфатите) и сакам да основам авиокомпанија”, гласел почетокот на писмото. Детето одлучило каков тип на авиони ќе поседува, што сѐ ќе му биде потребно, колку често ќе лета и уште многу други работи, односно претставил цел бизнис план.

“Јас сум директор на компанија која ќе се нарекува “Oceania Express”, продолжил Алекс, додавајќи дека веќе вработил финансиски директор, технички директор, сервис и правна служба, но и потпретседател на компанијата – неговиот најдобар другар.

“Со оглед на тоа што сум на распуст, имам повеќе време за работа, а бидејќи вие сте веќе искусни во тоа, би сакал да ве прашам неколку работи”, стои во писмото.

Па така, меѓу другото, тој побарал совет од Џојс околу тоа како да им помогне на патниците да спијат на директниот лет од Сиднеј или Мелбурн до Лондон.

Директорот на “Qantas” веднаш побарал да се состанат во просториите на авиокомпанијата, каде детето ги посетило сите одделенија.

“Обично не им давам совети на конкурентите, но во овој случај направив исклучок бидејќи и јас некогаш бев љубопитно дете кога станува збор за авијацијата”, изјавил Алан Џојс.