До 28. јануари ќе биде формирана техничката влада и избрани новиот претседател на Собранието и пратеник

од Nikola Popovski

Во рок од шест дена, од 22-ри до 28-ми јануари, во Собранието ќе завршат сите процедури, од оставки до изборот на новата техничка влада. Ова било утврдено на првата координација на претседателот на Собранието, Талат Џафери со партиите од власта, но без опозицијата.

Откако ќе бидат констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и Џафери ќе се избере новиот претседател на Собранието, Јован Митрески. Потоа претседателот Стево Пендаровски ќе го додели мандатот за формирање на техничка влада, по што ќе се изврши нејзин избор, а ќе се верификува и нов мандат на пратеник од 5-та изборна единица на местото на Џафери.

-Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрнаие, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено, посочуваат од Собранието.

Од Кабинетот на Џафери информираат дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на овој мандат на Собранието.

-Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по сто дена мандат на влада избрана на парламентарните избори, се наведува во информацијата од координативната средба.

И додека власта има свој фаворит за член во ДИК, опозицискиот Европски сојуз за промени веќе ја бојкотира работата во Собранието. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе најави можност дека ќе ја напушти работата на ДИК доколку албанската опозиција не го добие седмото место во изборната комисија.

Слични содржини