Додека ОН бара прекин на огнот, се поизвесна е израелска копнена операција во Појасот Газа

од Radmila Tasevska

На 21 ден од војната помеѓу Израел и Хамас, израелските безбедносни сили (ИДФ) вчера ги интензивираа воздушните напади и најавија проширување на операциите во Појасот Газа, сигнализирајќи дека наскоро може да почне копнена инвазија.

Израелските копнени сили вечерва ќе ги прошират своите операции во Појасот Газа, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари.

Претходно, советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Марк Регев изјави дека „Хамас вечерва ќе го почувствува гневот на Израел“ и оти милитантната група „ќе плати за злосторствата против човештвото“.

По најавата на Израел за копнена операција во Појасот Газа, висок член на политичката канцеларија на Хамас, Езат ал Ришак изјави дека групата е подготвена.

– Ако Нетанјаху одлучи вечерва да влезе во Газа, отпорот е подготвен, објави Ришак на Телеграм.

Додека, военото крило на Хамас, Бригадите ал Касам соопшти дека се судрија со израелските војници во Појасот Газа.

Во соопштението се наведува дека „жестоки судири“ се случуваат во близина на Беит Ханун во северниот дел на Појасот Газа и Буреиј во центарот на енклавата.

Претходно, Бригадите Ал Касам соопштија дека интензивно ги бомбардираат израелските градови Сдерот. Ашдод и Ашкелон.

Но, и покрај тврдењето на Хамас дека е подготвен да одговори на израелската копнена инвазија, милитаната група претходно го повикува светот „веднаш да дејствува“ и да го запре израелското бомбардирање врз Појасот Газа.

– Ги повикуваме арапските и муслиманските земји и меѓународната заедница да преземат одговорност и веднаш да дејствуваат за да ги запрат злосторствата и серијата масакри врз нашиот народ, се наведува во соопштението на Хамас.

Во Појасот Газа вечерва во прекин е интернетот, фиксната и мобилната телефонија, а Црвената оплумесечина и други хуманитарни организација сооипштија дека немаат контакти со нивниот персонал на терен.

Генералниот комесар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА), Филип Лазарини редупреди на голем број смртни случаи во Појасот Газа поради блокадата на Израел.

Тој додаде дека во Појасот Газа недостигаат храна, вода и лекови, а патиштата се преплавени со канализација. Според него ситуацијата во енклавата е „човечка трагедија“ и „пекол на земјата“.

Во меѓувреме, Генералното собрание на Обединети нации со 120 гласа „за“, „против“ 14 и 45 „воздржани“ усвои резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа. Во резолуцијата, на предлог на Јордан во име на арапските држави, се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, терористичките и неселективни напади и повикува на непречена помош и заштита на цивилите.

Додека Израел е незадоволен, Хамас и Палестинците ја поздравија резолуцијата.

Шефот на израелската дипломатија Ели Коен ја нарече резолуцијата „одвратна“.

Израел планира да го елиминира Хамас, исто како што светот се справи со нацистите и Исламска држава, напиша Коен на платформата Икс.

Претходно и израелскиот амбасадор во Обединети нации, Гилад Ердан ја отфрли резолуцијата на ОН, истакнувајќи дека Израел ќе продолжи да се брани.

– Ова е црн ден за ОН и за човештвото … Сите сме сведоци дека ОН повеќе не поседуваат ниту една унца легитимност или релевантност, истакна Ердан, додавајќи оти Израел ќе ги употреби „сите средства“ во борбата против Хамас.

За разлика од Израел, Хамас го поздрави усвојувањето на резолуцијата и побара итно да биде спроведена, вклучително и достава на гориво и помош за цивилите во Појасот Газа.

И палестинското Министерството за надворешни работи ја поздрави резолуцијата, потенцирајќи дека израелската инвазија „достигнува нов врв на бруталност“.

Резулуциите на  ГС на ОН не се правно обврзувачки, но имаат морална тежина поради универзалноста на членството.

Слични содржини