Додик: КФОР не гарантира безбедност за Србите на Косово

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека присуството на припадниците на КФОР не ја гарантира безбедноста на српскиот народ на Косово.

„Целосно несоодветна реакција на припадниците на КФОР кон српски народ кој го брани своето право да живее на Косово. Нивното однесување покажува дека нивното присуство не ја гарантира безбедноста на српскиот народ“, напиша Додик на Твитер.

Тој оцени дека за актуелната состојба на северот на Косово единствено одговорни се претставниците на меѓународната заедница кои, како што нагласи, создаваат неодржливи решенија со непочитување на меѓународното право и потпишаните договори.

„Република Српска му дава целосна поддршка на нашиот народ во нивните барања да обезбеди нормален и мирен живот“, рече Додик.

Тој најави дека во наредните денови Народното собрание на Република Српска ќе донесе декларација за поддршка на српскиот народ на Косово и територијалниот интегритет на Србија.

Во судирите на северот на Косово, каде српските демонстранти бараат повлекување на градоначалниците Албанци, во понеделникот во судирите меѓу Србите и КФОР беа повредени повеќе од 50 лица.

Слични содржини