ДПА ја прифати понудата на Заев за нова Влада, што ќе биде со ДУИ?

од Берта Китинска

Официјално почна „трката“ за формирање нова Влада откако Собранието вчера ја одржа конститутивната седница.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по завршувањето на вчерашната конститутивна собраниска седница најави дека во следниот период ќе се одвиваат разговори на повеќе нивоа и очекува дека за 10 до 15 дена ќе има исход од овие преговори.

Првата партија која објави официјално дека ја прифатила понудата од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да биде дел од новата влада е Демократската партија на Албанците.

Азем Садику од ДПА го изјави ова по средбата со Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски која се одржа денеска во Клубот на пратениците. Садику најави дека се формирани  работни групи кои ќе разговарат за детаљите.

„Имавме покана за средба и бевме заедно, делегацијата на партијата со претседателот. Ни се понуди можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и ние како партија ја прифативме поканата. Формирани се работни групи кои ќе се предводат од претседателот и секретарот на СДСМ Љупчо Николовски”, изјави Садику.

Заев на прашањето дали уште стои на ставот дека ДУИ треба да оди во опозиција, одговори дека сите опции се отворени за преговарачкиот процес.

„СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Сите опции се отворени во преговарачкиот процес. Влезот во новата влада ќе зависи од тоа кој ќе биде подготвен да исполни неколку услови да го отстрани национализмот во своите редови,  да покаже подготвеност за прочистување на правосудството “, изјави Заев.

По оваа изјава лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ми возврати на Заев дека ниту со 46 пратеници не се станува премиер.

„Ниту со 46 пратеници, не се станува премиер. Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата. Ние внимателно ги анализираме ситуациите, нема да брзаме. Секој чекор што ќе го преземаме, ќе го направиме во интерес и корист на државата, мирот, стабилноста и унапредувањето на поголемите процеси, како што се Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, спроведувањето на законот за јазиците, борбата против криминалот и корупцијата. Но, во никој случај да не се избегнува од процесот на Ветинг. Секој ќе биде во партнерство со нас ако се согласува со овие точки. Вклучувајќи го и премиерот “, изјави Ахмети за Коха.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Слични содржини