ДРАМА НА НЕБОТО: Руски воен авион се обидел да собори британски извидувачки авион

од Vladimir Zorba

Руски пилот се обидел да собори извидувачки авион на британското воено воздухопловство бидејќи верувал дека има дозвола да го собори, дознава Би-Би-Си.

Рускиот пилот истрелал два проектила, од кои првиот промашил и не се распаднал наеднаш како што се тврдеше тогаш.

Русија тврдеше дека инцидентот во септември 2022 година бил предизвикан од „техничка неисправност“. Британското Министерство за одбрана јавно го прифати руското објаснување.

Но, сега три високи извори од западната одбрана, запознаени со инцидентот, изјавија за Би-Би-Си дека руските комуникации пресретнати од авион RAF RC-135 Rivet Joint даваат многу поинаков приказ на официјалната верзија.

Авион на британското воено воздухопловство со екипаж до 30 лица леташе во извидничка мисија над Црното Море во меѓународниот воздушен простор на 29 септември минатата година кога пресретна два руски борбени авиони СУ-27.

Според пресретнати комуникации, еден од руските пилоти мислел дека добил дозвола да го гаѓа британскиот авион, по двосмислена наредба од руската команда. Меѓутоа, вториот руски пилот не ја сфатил така наредбата и протестирал, па дури и го пцуел колегата во другиот воен авион.

Британскиот авион бил опремен со сензори за пресретнување на комуникациите и британскиот екипаж можел цело време да слуша комуникации кои лесно можеле да резултираат со нивна смрт.

Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека нема да ги објави деталите за таа комуникација.

„Нашата намера отсекогаш била да ја заштитиме безбедноста на нашите операции, да избегнеме непотребна ескалација и да ја информираме јавноста и меѓународната заедница“, рекоа накратко.

Што навистина се случило?

Додека двата руски СУ-27 се приближуваа кон шпионскиот авион РАФ, добија комуникација од контролор од нивната команда.

Еден западен извор изјави за Би-Би-Си дека зборовите што ги добиле биле – „имаш цел“. Овој двосмислен јазик еден од руските пилоти го толкувал како дозвола за пукање.

Спротивно на тоа, пилотите на НАТО користат многу прецизен јазик кога бараат и добиваат дозвола за пукање.

Руски пилот истрелал проектил воздух-воздух кој бил успешно лансиран, но не успеал да ја погоди целта, соопшти Би-Би-Си. Тоа беше промашување, а не дефект.

Извори од одбраната изјавија за Би-Би-Си дека тогаш избила расправија меѓу двајцата руски пилоти. Пилотот на вториот СУ-27 не мислел дека добиле дозвола за пукање. Се вели дека тој го пцуел својот колега, всушност го прашал што мисли дека прави.

Сепак, првиот пилот испукал уште еден проектил. Таа втора ракета едноставно падна од крилото, што сугерира дека или не функционирала или лансирањето било прекинато.

Што тврди британското Министерство за одбрана?

Три недели подоцна, британската влада потврди дека инцидентот се случил, а по објаснувањето од руското Министерство за одбрана, тој беше наречен „техничка грешка“.

Во изјавата за пратениците на 20 октомври, тогашниот секретар за одбрана Бен Валас ја нарече „потенцијално опасна средба“.

Но, тој го прифати руското објаснување, велејќи: „Не сметаме дека овој инцидент е намерна ескалација од страна на Русите, а нашата анализа се согласува дека тој бил предизвикан од дефект“.

Сепак, Американците не се согласуваат со таквото објаснување. „Инцидентот беше многу посериозен отколку што беше првично прикажан и можеше да ескалира во воен чин“, пишува „Њујорк Тајмс“.

Според двајца претставници на американската одбрана, пишува весникот, рускиот пилот погрешно протолкувал команда од земја. Рускиот пилот „кој го гаѓаше британскиот авион пукал, но проектилот не бил лансиран правилно“.

Весникот, исто така, цитираше неименуван претставник на одбраната на САД кој го опиша инцидентот како „навистина, навистина застрашувачки“.

Слични содржини