Државните пазарни инспектори со полни раце работа: „Има масло во магацин, а не на рафт“

од Берта Китинска

Инспекторите прават проверки кај производителите на зејтин заради тоа што деновиве стигнувале пријави дека недостасува овој производ во продавниците. Ќе се проверува колкави се количините, како е формирана цената и со каква динамика планираат да работат периодов.

Вчера беше казнет синџир маркети со вкупно 15.600 евра, откако инспекторите утврдиле дека маслото за јадење во три продавници од истиот синџир го имале на залиха, но го тргнале од рафтовите и го давале на купувачите само ако направат сметка поголема од 800 денари.

Директорката на ДПИ, Анета Симеска-Димоска, рече дека ова е нечесно пазарно однесување.

-Кај еден субјект имаме прекршочни платни налози за нечесно пазарно однесување – имаше масло во магацин, а не на рафт. Има и прекршочни платни налози каде по Закон за заштита на потрошувачи кој се однесува на условување на купување на едни производи или други производи, што е казниво. Казната е 4.000 евра за правното и 1.200 евра за одговорното лице. Станува збор за еден трговец кој има повеќе маркети, утврдено е во неколку градови – рече Симеска-Димоска.

Најкрупната казна е изречена поради прекршување на Законот за заштита на потрошувачи.

Дел од основните прехранбени производи од вчера се продаваат со нула проценти ДДВ, а од минатата недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата.

Министерот за економија Крешник Бектеши апелира до граѓаните да побараат фискална сметка во маркетите со која ќе видат дали овие производи се со нула проценти ДДВ.

–Апелираме до граѓаните да си ја побараат својата фискална сметка во маркетите, порача Бектеши на „Фејсбук”.

Укинувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза.

Слични содржини