ДУИ ги демантира наводите на Мицкоски за вооружена група во Чаир и Бутел

од Nikola Popovski

Мицкоски и ВМРО почнаа со лажни вести да клеветат, дезинформираат и оцрнуваат се што е албанско, велат од ДУИ. Според партијата на Али Ахмети, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изнел лажни вести кога денеска изјавил дека „ДУИ и Али Ахмети организирале вооружена група во Чаир и Бутел“.

ДУИ и Европскиот фронт изразуваат длабока загриженост за, како што велат, поттикнувачкиот вокабулар на меѓуетничка омраза на Мицкоски една недела пред 8 мај, денот кога Европскиот фронт ќе ја издвојува својата голема победа.

-Свесен и исплашен дека нивните слуги на албанската опозиција ќе претрпат длабока загуба, Мицкоски намерно ги загрозува меѓуетничките односи предизвикувајќи страв од дестабилизација на ситуацијата, желбата и главната цел на проруските центри во Северна Македонија. Во оваа прилика, ДУИ и Европскиот фронт ги повикуваат граѓаните, без разлика на етничката припадност, да не станат плен на клевета и поттикнување меѓуетничка омраза, бидејќи вокабуларот како оној на Мицкоски е агендата на Москва и Путин, кои сакаат да ја дестабилизираат Северна Македонија и регионот воопшто, порачаа од партијатта од Мала Речица.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека група на вооружени лица се движи низ Чаир и Бутел и дека нив ги координира соработник на Али Ахмети.

-Точно знае Али Ахмети што зборувам и точно знае неговиот соработник кој уживаше привилегии во претседателскиот апартман во луксузен хотел во Истанбул. Тој ја координира таа група што се движи на територија на општина Бутел и Чаир. Ги знаеме лицата и знаеме што прават, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Како што додаде Мицкоски, тоа што имал да го каже тоа во јавноста, го кажал.

-Политиката не е шведска маса, ДУИ ќе мора да оди во опозиција, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини