Ние баравме да биде присутна јавноста се со цел да се види каква е доказната вредност на овој доказ, изјави адвокатот на Бојан Јовановски по денешното рочиште за предметот „Рекет“, од кое по наредба на судиката, јавноста беше исклучена.
„Ние сметаме дека доказната вредност на овој доказ е нула. Ниту има кој со кого разговара, а најважно од се е дека нема некаква приватоност, а недај Боже некаква заштита на приватноста. Да имаше такво нешто ние ќе го баравме. Ако на ова се заснова обвинението и ако со ова се докажува обвинение и пола снимка е наводно по кажување на обвинителот, од вкупно два часа со некое лице кое што ниту е во диспозитивот на обвинението нити има врска со овој кривичен предмет, по начинот како се изведуваат овие докази, нема да ме чуди некое лице што поминува на улица да биде викнато и да се утврдува фактичка состојба“, смета Дуковски.
Со одлука на судот, денешното судење за предметот „Рекет“ останува затворено за јавност. Претседателот на судечкиот совет Васка Николовска Мазнева на почетокот на рочиштето ја исклучи јавноста поради тоа што ќе се пуштаат снимки кои содржат материјали кои, како што рече, би изнеле содржини од приватниот живот на дел од обвинетите.
И покрај барањето од страна на обвинетите Катица Јанева и Бојан Јовановски, разговорите кои од вчера останаа како доказен материјал да се пуштат во присуство на јавноста, судот одлучи дека тие ќе слушаат зад затворени врати.
Катица Јанева во текот на вчерашното судење кажа дека со овие разговори конечно ќе се разоткрие кој рекетирал, кој бил излажан и изманипулиран. Заедно со Јовановски беа децидни дека овие разговорите ќе го откријат вистинскиот однос што Боки 13 го имал со Зоран Милевски – Кичеец.
Пред влегувањето во судницата, Боки 13 сподели дека доцни поради тоа што бил нападнат од затворски службеник.
Обвинението за „Рекет”, го застапува шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Рускоска.
И.Р.