ДВ: Доналд Трамп – „моќен махер“ и медиумски професионалец

од Nikola Popovski

„Надворешната политика никогаш не игра важна улога во предизборната кампања во САД. Сепак, договорите меѓу ОАЕ и Бахреин со Израел му помагаат на претседателот во изборната трка“, јави дописничката на ДВ од Вашингтон, Инес Пол.

Некоја улична анкета многу брзо ќе потврди дека повеќето Американци никогаш не слушнале за Обединетите Арапски Емирати или Бахреин. Исто како и за Оман или Катар. Причините за смртоносниот конфликт меѓу Палестина и Израел се исто така малку познати, како и причините што зборуваат против преместувањето на американската амбасада во Ерусалим. А, фактот дека Американското првенство во бејзбол се нарекува „Светска серија“ (World Series) кажува многу за тоа како Американците се перципираат себеси во овој голем свет.

Сè уште има голем број луѓе кои превидуваат колку вешто актуелниот претседател знае да искористи одредени моменти. Церемонијата на потпишување на договорот меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, како и Бахреин – се случи на помалку од 50 дена пред изборите. Тој медиумски професионалец знае како ефикасно да биде опкружен со моќни луѓе. Тој знае како влијае на неговите вистински поддржувачи, но и на потенцијалните гласачи, кога ќе се појави на сцената во овие тешки моменти како политичар кој ги решава работите.

Фактот дека Палестинците се занемаруваат и фактот дека вистинското мировно решение е уште подалеку заради овој, првенствено економски мотивиран чин, не игра никаква улога во тоа. Никој не се грижи дека арапскиот блок, кој долго време беше поддршка за Палестинците, веќе не постои. И во тој дел од светот, одвратниот Мамон е поважен од братската хармонија.

Повеќето Американци се понесигурни од кога било. Смртоносниот вирус и огромните економски проблеми се одговорни за тоа. Дали навистина има граѓанска војна во предградијата, претежно населена со белци, како што сугерираат сликите од многу протести? И има огромни пожари без преседан кои зафаќаат големи делови на западниот брег?

Копнежот за цврста рака, предизвикан од стравот на многу американски мажи и жени, не дава можност критички да се разгледаат причините. Наместо да се анализира врската помеѓу сите овие катастрофи и сегашниот претседател, кој е на функцијата скоро цел мандат, многумина сакаат махер кој ќе ги стави своите успеси пред сè. Човек кој му покажува на светот кој е главен и кој и обезбедува на Америка место во светот што го заслужува.

Затоа, церемонијата со многу силни луѓе и многу помпезност е токму за него. Во вакви денови, Трамп сака да им покаже и на најголемите скептици колку сила и волја сè уште има. И колку лесно успева да го направи својот противник Бајден стар.

Колку се приближува денот на изборите, толку е потешко да се разбере зошто демократите го реизбраа кандидатот, заради што на крајот повторно ќе се каже: „Не победи Доналд Трамп, туку изгуби неговиот противник“.

Слични содржини