ДВА СПРОТИВСТАВЕНИ ТАБОРИ ВО ДУИ: „После Ахмети партијата нема да постои ниту шест месеци“

од Nikola Popovski

Партијата ДУИ вчера излезе на терен на средби со граѓаните, но и понатаму остануваат поделбите. Лидерот Али Ахмети заедно со Артан Груби и Талат Џафери беше во Чегране, Гостивар, додека „огнената група“ предводена од поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити се сретна со структурите на огранокот во Битола, за да го слушне, како што велат, нивниот глас.

Останува прашањето до кога ќе биде ваквиот раскол и дали партијата може да ги консолидира своите редови. Политичкиот аналитичар Берат Азизи во разговор за „Локално“ вели групата на Артан Груби веќе претходно имале средби во Битола.

Берат Азизи

-Поделбата се продлабочува во ДУИ. Не може една партија да одржува две средби истовремено и се гледа дека тие меѓусебе немаат комуникација. Едната предводена од Меџити функционира посебно, додека другата на Груби, кој ја има поддршката на Ахмети, најавија средба во Чегране, Гостивар. Не гледам дека во иднина ќе се обединет. Така одат работите. Последното интервју на Ахмети на ТВ 21 очигледно води кон таа насока -или Груби или ние, посочува тој.

Според него, се уште не е реализирано примарното барање на „Огнените“.

-Првото барање на „Огнената група“ беше да ги сменат Груби и Османи од Владата, но не гледам дека тоа ќе се реализира, бидејќи двојката ја има поддршката на Ахмет, штом и Централното раководство на партијата не дискутира за да ги сменат Груби и Османи. Иако функционираат партиските органи, последниот збор го има Ахмети и Груби. Ако паднат Груби и Османи, сигурно ќе има промена во целата власт на ДУИ, потенцира тој.

Тој е дециден дека иднината на ДУИ после Ахмети вооошто не е светла.

-После Ахмети, партијата нема да постои ниту шест месеци или една година, без разлика која група ќе ја предводи ДУИ. Како клучен факт е што Ахмети ја контролира ДУИ и граѓаните гласаат за нив поради него, укажува Азизи.

Аналитичарот смета дека целиот успех на партијата треба да се препише на лидерот.

-Сите министри што претходно произлегоа од оваа партија на терен и проектите кои ги промовираат, никој не вели дека е работа или план на некоја група или министер, туку сите викаат дека е успех на Ахмети и неговата визија. Целата партија се идентификува со лидерот и после него, не верувам дека ДУИ ќе постои. Ќе се случи истото како и со другите партии од албанскиот блок. На пример, ДПА се идентификуваше со Арбен Џафери. Ќе има фракции, мора да има, оценува Азизи.

„Огнената група“ и пред неколку месеци го изрази своето незадоволство, по што имаше неколку средби со партискиот лидер во Мала Речица. Лидерот на ДУИ по овие разговори најави дека дебатата во партијата ќе продолжи и тврдеше дека во ДУИ „нема оган” што треба да се изгасне.

На последниот конгрес на ДУИ во 2019 година Ахмети беше реизбран на лидерската позиција од 800 делагати на партијата. Таа е најголемата етнички албанска политичка партија и трета најголема политичка партија во државата. ДУИ е на власт точно две децении со мала пауза од две години во 2006 до 2008 мата година.

Н.П.

Слични содржини