Едвај ги испративме во Боцвана, а половина тим се врати со медали

од desk2
112 прегледи

 

Честитки за Мила Ивановска, Дарко Стојчев и Димитар Џорлев за освоените бронзени медали! Честитки и за Дамјан Јанчевски, Мајкл Георгиевски и Бисера Јаневска за претставувањето на својата земја како вистински амбасадори, пишува Деца.мк.

Фото: Друштво на физичарите на Македонија

Тројца од шест ученици освоија бронзени медали за Македонија на 15. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки која денеска завршува во Габороне, Боцвана.

– Со задоволство го споделуваме успехот на македонските претставници. Честитки за Мила Ивановска, Дарко Стојчев и Димитар Џорлев за освоените бронзени медали! Честитки и за Дамјан Јанчевски, Мајкл Георгиевски и Бисера Јанчевска за претставувањето на својата земја како вистински амбасадори. Огромна благодарност до сите институции, приватни организации и поединци што го направија сето ова возможно – велат организаторите.

Учениците кои освоија медал со македонското знаме; Фото: Друштво на физичарите на Македонија

 

По подолги финансиски перипетии, нашиот тим успеа да собере буџет од спонзори и донатори од цел свет. Предводени од нивните ментори во физика, хемија и биологија, доц. д-р Ламбе Барандовски, проф. д-р Марина Стојановска и Елена Рафаиловска, мината сабота во африканската земја заминаа Мила Ивановска (која и лани освои бронза) од „Ј. Б. Тито“ во Битола, Дарко Стојчев од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Димитар Џорлев од „Јане Сандански“ во Струмица, Бисера Јаневска од „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, Дамјан Јанчевски од приватното училиште „Јахја Кемал“ во Карпош и деветтоодделенецот Мајкл Георгиевски, ученик во „Гоце Делчев“ во Кавадарци.

Македонскиот тим го помогнаа Агенцијата за млади и спорт, Фондот за иновации и технолошки развој, градоначалниците на Кавадарци и на Прилеп, Митко Јанчев и Борче Митевски, и фирмите „Кожувчанка“, „Вардар Доломит“ и „Витаминка“.
Откако организаторите рекоа дека е неизвесно учеството на нашиот тим на Олимпијадата, Анита Кузмановска-Фелдман, дипломиран инженер по хемија која живее во Соединетите Американски Држави, на социјалните мрежи отвори фонд за донација. Пари издвоија 120 донатори од цел свет, а многу од нив се наши иселеници и сограѓани.

 

Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки е наменета за ученици од основни училишта, до возраст од 16 години. Нашите ученици веќе неколку месеци ги подготвуваа Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД).
На Олимпијадата учествуваа ученици од 50 земји од светот./Deca.mk