Неизвесноста поврзана со геополитиката но и со трендовите во економиите кои се наши партнери се прелеа и годинава. Економските аналитичари ги зголемија прогнозите за инфлацијата во 2026-та, од 3,1% на 3,2%, ниво што е значајно повисоко во однос на прогнозата на Владата дека во оваа 2026-та инфалцијата ќе се намали на 2,5%.
„За 2025 и 2026 година очекуваат минимално повисока стапка на инфлација во однос на претходната анкета, односно просечна стапка од 4,0% за 2025 година (3,9% во претходната анкета) и 3,2% за 2026 година (3,1% во претходната анкета). За 2027 година е направена минимална надолна ревизија на очекувањата, при што испитаниците сега очекуваат просечна стапка на инфлација од 2,6%“ – се наведува во новата Анкета на НБМ за очекувањата на економските аналитичари за инфлацијата.
Анкетираните економисти посочиле дека не само надворешни, туку и внатрешни фактори ќе бидат „ризик“ за ценовен пртисок, нотирајќи ги растот на платите и на пензиите.
„Од аспект на нагорните ризици поврзани со домашните фактори, испитаниците ги посочуваат зголемувањето на платите, како и зголемувањето на пензиите и кредитирањето, а ги посочуваат и маржите на трговците и цените на услугите. Испитаниците и во оваа анкета, слично како и во претходната, ги издвојуваат геополитичките превирања и неизвесноста од светските трговски политики како главни извори на ризици за синџирите за снабдување и ценовната стабилност. Исто така, се истакнуваат и можните неповолни ефекти од климатските промени врз производството и цените на храната“ – оценуваат економски аналитичари.
2025-та заврши со инфлација од 4,1%, ниво кое е далеку повисоко од првичните прогнозите на Владата за инфлација од околу 2,8%. На истекот од годината властите признаа дека инфлацијата ќе се доближи до 4%. Во меѓувреме, ценовниот притиок е потврден и во синдикалната пресметка за минималната потрошувачка кошница чија вредност достигна 1.087 евра. На месечно ниво трошоците за живот спорд ССМ се зголемени за речиси 1.000 денари. Според новите буџетски прогнози, годинава се очекува инфлација пониска од 3%.
„Во текот на 2026 година стапката на инфлација се очекува да продолжи по надолниот тренд и во услови на очекувања на стабилни цени на енергенси и храна на меѓународните пазари е проектирана на ниво од 2,5%“ – се наведува во новиот Буџет за 2026-та.
Економистите предупредуваат дека стапките на инфлација кои котираат околу 4 отсто го „јадат“ стандардот, односно Бруто домашниот производ. Сепак во Анкетата на НБ изјавиле дека годинава и следната се очекуваат стапки на раст на БДП повисоки од 3%.
„Испитаниците очекуваат економски раст од 3,3% за оваа година, 3,6% за 2026 година и 3,8% за 2027 година. Испитаниците ги објаснуваат ваквите очекувања делумно со досегашните поповолни остварувања, коишто се повисоки од нивните очекувања“ – се наведува во документот.
Според последните пресметки и прогнози на фискалната и на монетарната власт, 2025-та заврши со раст на БДП од 3,5%, стапка која е пониска од онаа на инфлацијата. Според најновите проценки на Светска банка пак, годинава ќе заврши со раст од 3%, што е повисоко ниво од засега позиционираните 2,5% инфлација во 2026-та.
Д.А.