ЕМА за „АстраЗенека“: Постои можна поврзаност помеѓу вакцината и згрутчувањата на крвта

од Stefanija Kuzmanovska

Европската агенција за лекови на прес-конференција рече дека постои можна поврзаност помеѓу вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ и ретките видови на згрутчувања на крвта, што може да ја зголеми загриженоста на јавноста и да ги поткопа напорите на европските влади за што побрзо вакцинирање на населението.

– Невообичаените згрутчувања на крвта со ниски тромбоцити треба да бидат наведени како многу ретки несакани ефекти на вакцината – објави во средата Европската агенција за лекови, пренесува „Хина“.

Исто така беше повторено дека вкупните придобивки од вакцината ги надминуваат ризиците од нејзино примање.

Европската агенција за лекови (ЕМА) понатаму објасни дека случаите на згрутчување на крвта не можат да се поврзат со специфични фактори како што се возраста, полот или медицинската историја и дека „веродостојното“ објаснување е дека тромбозата се јавува поради имунолошкиот одговор на вакцината.

– Врз основа на тековните докази, специфичните фактори на ризик, како што се возраста, полот или претходните медицински состојби на тромбоза, не се потврдени. Згрутчувањето е евидентирано во сите групи, изјави извршниот директор на ЕМА, Емер Крук, на прес-конференција за заклучоците на Комитетот за проценка на ризикот на подрачјето на фармаковигиланцијата (ПРАК) и агенцијата на ЕУ.

– Оправдано објаснување е дека ова е имунолошки одговор на вакцините, како во случај на нарушувањата на згрутчување на крвта кај лекот хепарин.

Министрите за здравство на ЕУ се состануваат во среда по оваа објава на ЕМА.

ЕМА ги испита извештаите за исклучително ретки случаи на згрутчување на мозокот, познати како церебрална тромбоза на венскиот синус (CVST).

Околу истото време кога Европската агенција за лекови објави дека невообичаените згрутчување на крвта треба да бидат наведени како ретки несакани ефекти на „АстраЗенека“, Британскиот советодавен одбор за вакцинација објави одлука да понуди алтернативна вакцина на оние под 30 години.

Британскиот регулатор на лекови соопшти дека до крајот на март се пријавени 79 случаи на згрутчување на крвта во земјата по вакцинирањето со „АстраЗенека“. Од нив, 19 имале фатален исход. Иако тие не рекоа дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта, регулаторите рекоа дека причинско-последичната врска „станува се посилна“.

Слични содржини