ЕУ: Русија го користи природниот гас за да ја уценува Молдавија

од Nikola Popovski

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во четвртокот изјави дека Москва го користи природниот гас за да ја уценува Молдавија, а премиерката на земјата рече дека таа не може да си ги дозволи цените што Русија во моментов ги нуди.

Договорот меѓу Молдавија и рускиот нафтен гигант Газпром истече кон крајот на септември. Проевропската премиерка на Молдавија, Наталија Гаврилита изјави дека Газпром повеќе не ја нуди цената како што беше во последниот, триесетгодишен договор, но сега е три пати повисока, пренесува Ројтерс.

Кремљ во средата отфрли дека руската компанија ги користи разговорите за гас за да добие политички отстапки, но Борел, министерот за надворешни работи на ЕУ, не се согласува.

„Порастот на цените ширум светот не е резултат на користењето на пазарот на гас како оружје, но тоа е случај со Молдавија“, рече Шпанецот на прес-конференцијата што ја одржа со Гаврилита во Брисел.

Молдавската премиерка изјави за Ројтерс дека Газспром сега ја подигнал својата долгогодишна цена од 250 долари за 1.000 кубни метри на 790 долари.

„Порастот на цените за Молдавија е невообичаено остар… Земјата не може да издржи политички, економски и социјално“, нагласи Гаврилита.

Нејзината земја ја води прозападната влада на претседателката Маја Санду. Таа го победи Игор Додон, кого Москва го фаворизира, на изборите во ноември минатата година.

Молдавија беше една од 15-те советски републики, а од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, таа беше сцена на борба за влијание меѓу Русија и Западот.

Гаврилита им кажа на молдавските власти дека разговорите со Гаспром продолжуваат и дека тоа е добар знак, но дека не знае дали ќе се постигне договор.

ЕУ оваа недела објави дека ќе и даде на Молдавија 60 милиони евра до крајот на годината за да и помогне да се справи со кризата што го принуди Кишињев да прогласи вонредна состојба.

Слични содржини