Еврејска заедница: Вчудоневидени сме од говорот на омраза поради престојот на Лев Тахор во земјава

од Берта Китинска

Вчудоневидени сме од неверојатниот говор на омраза, антисемитизмот и ксенофобијата по повод престојот на една ортодоксно религиозна еврејска група во државава, која во основа е мирољубива и не загрозува никого, реагира Еврејската заедница. Претседсателот на оваа заедница бара од надлежните органи да реагираат против подбуцнувачите на омраза, ширење фашизам, антисемитизам и ксенофобија, потсетувајќи дека токму поради вакви појави македонските Евреи во Втората светска војна загубија 7.144 животи и дека имаа борци за слобода на Македонија.

Од Еврејската заедница потенцираат дека групата од 38 члена има регуларен престој во земјава, дека се облечени во својата традиционална облека и дека повеќе од половината се жени и деца и оти е неразбирливо што се случува неверојатен говор на омраза, но и антисемитизам и ксенофобија.

Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот: „Треба да се запали хотелот со се Евреите по него” предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија, нагласува Заедницата.

„Никогаш Евреите во Македонија, не се судриле со таков антисемитизам, ксенофобија и јазик на омраза, кој може да предизвика несогледиви последици“, се нагласува во реакцијата.
Еврејската заедница ги моли новинарите крајно внимателно да известуваат за групата и за тоа што се случува во врска со нив.

„Инсинуациите дека се водат разноразни судски процеси за киднапирање на деца и други недолични работи од нив, не се точни и не се однесуваат за оваа група американски, канадски и други западно европски граѓани, припадници на оваа група со еврејска вероисповед. Јазикот на омраза и непочитување, ксенофобија, антисемитизам и фанизам, скапо го плати еврејскиот народ во Македонија со 7.144 Евреи одведени на 11 март 1943 во Треблинка од каде никој жив не се врати, како и многуте борци Евреи кои загинаа во Втората светска војна борејќи се рамо до рамо со останатите македонски борци. Тоа е цена што еврејскиот народ ја плати за идеалите на слободна Македонија. Дали сега треба да дозволиме една мала група подбуцнувачи, јас би рекол и непријатели на демократскиот развој на Македонија, шират омраза и нетрпеливост кон Евреите“, вели во изјавата пласирана преку соопштението, Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница на Република Македонија.

Од Еврејската заедница очекуваат надлежните органи како што се Обвинителството, МВР, Комисијата за заштита од дискриминација и други, да преземат соодветни мерки против „подбуцнувачите” на омраза и ширење на фашизам, ксенофобија и антисемитизам, а градоначелниците од актуелните општини активно да се вклучат и им објаснат на луѓето што протестираат против престојот на оваа група во нивна средина, дека оваа група само затоа што е облечена во поинакви алишта и со поинаков изглед, практикувајќи ја ортодоксната еврејска религија не претставува никаква опасност за никого.

Слични содржини