Европската комисија смета дека референдумот во Каталонија е нелегален

од desk2
132 прегледи

Европската комисија соопшти дека референдумот за независност на Каталонија е нелегален според шпанското право, пренесува британски Independent.

Во соопштението се наведува дека гласањето за време на кое полицијата тепаше демонстранти и затвораше избирачки места е внатрешна работа и дека нема да интервенира.

„Да беше референдумот организиран во согласност со шпанското право територијата која се одвојува би се нашла надвор од Европската унија“, соопштија од ЕК.

Исто така, германскиот министер за надворешни работи Михаел Рот денеска изјави дека развојот на настаните во Каталонија е загрижувачки и дека сепаратизмот не е одговор по гласањето кое се одржа со доста насилство.

„Сепаратизмот нема да ги реши проблемите. Сите членки на ЕУ треба да ги почитуваат и да бидат верни на принципите и на правилата на владеењето на правото и демократијата“, изјави Рот и додаде дека политичките конфликти треба да се решаваат со дијалог, а не со насилства на улиците.

Каталонската регионална влада денеска на итен состанок одлучува за следните чекори во борбата за независност.

Според прелиминарните резултати, повеќе од 90 отсто од Каталонците гласале за независност, а на референдумот излегле дури 43 отсто од 5,3 милиони гласачи. Референдумот се одржа со многу насилства.