Европски центар за контрола на болести: Вирусот е околу нас и циркулира повеќе отколку во јануари

од Stefanija Kuzmanovska

Европа мора да се подготви за вториот бран на новиот коронавирус, предупреди Андреа Амон, директор на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), откако голем број на земји започнаа да ги олеснуваат ограничувањата.


„Прашањето не е дали ќе има втор бран, туку кога и до кој степен ќе биде“, рече Амнон во интервјуто во четвртокот за британскиот весник „Гардијан“.

„Вирусот е околу нас и циркулира повеќе отколку во јануари и февруари“, додаде таа, истакнувајќи дека податоците за имунитетот на населението не се охрабрувачки бидејќи „85 до 90 проценти“ сè уште е изложен на инфекција со Ковид-19.

„Не сакам да претставувам катастрофална слика, но мислам дека мора да бидеме реални. Сега не е време за целосно опуштање“, додаде таа.

Европа е континентот кој е најпогоден од пандемијата со близу 2 милиони случаи на инфекција, од кои починале 169.932, претежно во Велика Британија, Италија, Франција и Шпанија, пренесува Франс прес во четвртокот. Вкупно, во светот има повеќе од 5 милиони заразени лица, од кои 328.220 починале.

Центарот за превенција, мала агенција на ЕУ со седиште во Шведска која има советодавна улога во контролирањето на заразните болести, рече на почетокот на мај дека почетната фаза на пренесување достигнала врв, со пад на нови случаи во повеќето земји од ЕУ. Додека многу европски земји креваат ограничувања, Андреа Амон верува дека вториот бран би можел да биде поблаг, доколку луѓето продолжат да ги следат правилата на социјална дистанца.

„Уморни од ограничувања, особено сега кога е видлив помал број на заболени, луѓето мислат дека е готово. Но, не е“, предупреди таа.

Слични содржини