Фајзер заработи речиси 57 милијарди долари само од вакцини

од Nikola Popovski

Американскиот фармацевтски гигант Фајзер објави дека ја затворил 2022 година со најголем приход откако е основан благодарение на вакцината и лековите за коронавирусот, истовремено предупредувајќи дека годинава очекува послаб резултат поради опаѓањето на инфекцијата и намаленото користење на залихите.

Приходите на Фајзер минатата година пораснале за 23 отсто, на 100,3 милијарди долари. Кога ќе се исклучи влијанието на девизните курсеви, се зголемиле за 30 проценти, покажува најновиот деловен извештај.

Кога ќе се исклучат вакцината против корона и лекот паксловид, приходот на Фајзер минатата година бил за два отсто поголем отколку во 2021 година кога е исклучено влијанието на девизните курсеви.

Приходите од вакцината против корона и паксловид биле 56,7 милијарди долари. Нето добивката е зголемена за 43 отсто, на 31,4 милијарди долари.

Во 2023 година, компанијата очекува значително помал приход, во опсег од 67 милијарди долари до 71 милијарда долари, бидејќи инфекцијата со корона вирусот забавува и што повеќе земји создаваат залихи на вакцини и лекови.

Извршниот директор Алберт Бурла рече дека 2023 година треба да биде преодна година за приходот од корона на Фајзер кој компанијата проценува дека треба да се намали на 21,5 милијарди долари во 2023 година и повторно да се зголеми во 2024 година.

Слични содржини