„Фајненшл Тајмс“: Европа се подготвува за НАТО без Америка

од Vladimir Zorba
133 прегледи

Водечките европски сили работат на планови за преземање поголема одговорност за одбраната од САД, а меѓу нивните идеи се и некои кои би можеле да имаат трајно влијание врз иднината на НАТО.

Една од идеите што неформално се дискутира меѓу Велика Британија, Франција, Германија и скандинавските земји е предлогот до администрацијата на Доналд Трамп за контролиран трансфер на членството во НАТО во следните пет до десет години, пишува Фајненшл тајмс.

Четворица европски претставници, цитирани од весникот, наведуваат дека Европа сака да го избегне хаосот што би настанал доколку САД еднострано решат да се повлечат од НАТО, што Трамп постојано го најавува.

Целта на овој предлог би била да се изработи план за префрлање на финансискиот и воениот товар на европските земји и истиот да им се претстави на САД пред годишниот самит на НАТО, кој ќе се одржи во Хаг во јуни.

Предлогот ќе ги дефинира цврстите заложби за зголемување на европските трошоци за одбрана и зајакнување на воените капацитети, со цел да се убеди Трамп да се согласи на постепен трансфер на одговорностите, а таквиот развој на настаните ќе им овозможи на САД повеќе да се фокусираат на Азија.

Соединетите Држави, кои трошат повеќе за одбрана од сите други сојузници заедно, остануваат клучни за безбедноста на Европа.

Покрај неговата способност за нуклеарно одвраќање, која е поврзана со одбраната на Европа и вклучува американско нуклеарно оружје стационирано во неколку европски воздушни бази, САД обезбедуваат воени капацитети што европските сојузници ги немаат, управуваат со воздушни, поморски и копнени бази и одржуваат 80.000 свои војници во Европа.

Откако Трамп беше избран за претседател, Германија, Франција и Обединетото Кралство веќе почнаа да ги зголемуваат буџетите за одбрана или да ги забрзуваат претходно планираните инвестиции. Европската унија, исто така, покрена иницијативи за да ги охрабри своите членки да инвестираат повеќе во одбраната.

Според проценките на европските претставници, би биле потребни меѓу пет и десет години за европските воени капацитети да се издигнат на ниво каде што би можеле да ги заменат повеќето американски капацитети – освен американскиот нуклеарен арсенал.

Некои земји се двоумат да се вклучат во разговори за преземање на товарот бидејќи стравуваат дека тоа би можело да ги поттикне САД да го забрзаат своето повлекување. Тие сметаат дека Трамп и покрај неговата реторика не планира да направи големи промени во американското воено присуство во Европа. Други, пак, се скептични околу тоа дали администрацијата на Трамп воопшто би се согласила на таков структуриран процес, со оглед на тоа колку е непредвидлив.

„Морате да склучите договор со Американците, а не е јасно дека тие ќе го сакаат тоа. Можете ли да им верувате дека ќе го почитуваат тоа?“ праша еден од соговорниците на ФТ.

На прашањето што би значело „европски столб“ во НАТО и дали тоа е можно, висок западен функционер рече: „Веќе можеме да го видиме тоа сега – Обединетото Кралство и Франција преземаат иницијатива за сили за зајакнување на безбедноста на Украина без Американците“, рече друг соговорник на ФТ, кој заклучува дека е подобро да се има НАТО без САД отколку целосно нов воен сојуз.

Слични содржини