Филипче: 51 млад лекар ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30.000 денари платена пракса

од Nikola Popovski

Министерот за здравство Венко Филипче денеска одржа средба со младите лекари, од кои 51, од тие што добија лиценца за работа во јули, годинава, ќе бидат ангажирани на инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19. Новите лекари ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30.000 денари месечно платена пракса.

„Ова е еден од процесите којшто ќе им овозможи да се чувствуваат добредојдени во здравствениот систем во нашата земја, да бидат стимулирани со соодветна финансиска надомест, добро да се едуцираат и да постигнат ниво на знаење. Се радувам што младите лекари ја гледаат својата иднина во јавното здравство и активно придонесуваат во креирањето на здравствените политики“, изјавил Филипче.

На средбата, како што соопшто Министерството за здравство, било посочено дека младите лекари веќе ја гледаат својата иднина во јавното здравство во нашата земја и активно учествуваат во креирањето на здравствените политики.

„Со овие одлуки ги охрабруваме младите самите да преземат одговорност.  Се стремиме да го подобриме системот заедно со сите предизвици со кои се соочуваме во моментов, а паралелно со тоа продолжуваме и со вработувањата.  Во тек се и други активности кои ќе ја подобрат работата со пациенти, следење на новините во медицината и практичните искуства. Се разгледува и можноста за воведување тест со теоретско знаење, пракса и евалуација на личност, што во моментов го нема кај нас, а е потребно. Сето ова ќе придонесе за натамошно унапредување на статусот и условите за работа на младите доктори“, нагласи Филипче.

Со законската измена на законот за здравствена заштита, донесен во јануари, минатата година, за првпат се овозможи секој млад доктор, по стекнувањето лиценца, веднаш да влезе во системот на примарна здравствена заштита за работа со пациенти во рок од шест месеци со месечен надомест од 30.000 денари.

Слични содржини