Филипче: Еден од родителите на деца до десетгодишна возраст да не одат на работа во следните 14 дена

од Aleksandar Todeski
217 прегледи

Владата на денешната седница ги прифатила мерките предложени од Центарот за управување со кризи, а со што се прекинува образовниот процес во средни и основни училишта, како и во градинките, а се ослободуваат вработените во овие институции во наредните четиринаесет дена. Ова го посочи минситерот за здравство, Венко Филипче, кој додаде дека за еден родител на дете до десетгодишна возраст ќе се дозволи отсуство од работа кое ќе биде целосно платено и во јавниот и во приватниот сектор, во наредните 14 дена.

„Се забрануваат масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1.000 луѓе во наредните 14 денови, а се препорачува да се одложат и настаните под оваа бројка. Се забранува одржување на спортски натпревари во наредните 30 дена на целата територија. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризичните држави во времетраење од 14 дена. Се забранува извоз на медицинска опрема и средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, а во врска со тоа што може да биде потребно за лекување на заболените од коронавирус, за што операторите ќе добијат листа, освен со посебна дозвола од Минситерството за здравство. Препорачуваме на возрасните и поризични категории на граѓани да го намалат движењето и да избегнуваат јавен превоз. Се препорачува да не се патува во високо и средно ризичните земји согласно листата од Светската здравствена организација. Државната Изборна Комисија за вработените од Јавните здравствени Установи ангажирани за изборниот процес е задолжена истите да бидат ослободени и заменети со други лица. Физичките и правни лица кои нема да ги почитуваат препораките ќе бидат казнети согласно Кривичниот законик. Се забранува организиран превоз од и кон ризичните земји. Се зајакнува присуството на волонтери на Црвен Крст на Република Северна Македонија на граничните премини“, истакна Филипче.

Министерот апелираше да се почитуваат препораките за превенција и кажа дека Владата препорачува сите органи на државата, локалните самоуправи и приватниот сектор за времено неодење на работа на бремените жени. Во сите државни институции со помош на Службата за општи и заеднички работи ќе бидат дистрибуирани средства за дезинфекција.

Слични содржини