Филипче: Пациентите кои имаа важечки боледувања по сегашниот систем можат да ги продолжат боледувањата без да доаѓаат на преглед

од Nikola Popovski

Владата го усвои предлогот на Комисијата за заразни болести, па така од следната недела вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести ќе се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист.

За бремените жени, одлучено е да продолжат да ги користат владините мерки.

Министерот за здравство, Венко Филипче не стравува дека деновиве ќе се создаде хаос во здравствениот систем поради закажувањето на термини за преглед кај специјалист за да хронично болните добијат потврда дека навистина не треба да одат на работа. Тој смета дека драстично ќе се скрати бројот на луѓе кои седеле дома. Досега сите кои ја користеа мерката земаа цела плата, а од понеделник ќе се водат на боледување и ќе добиваат помалку пари.

„Пациентите кои имаа важечки боледувања по сегашниот систем можат да ги продолжат боледувањата без да доаѓаат на преглед. А за новиот систем за да се добие боледување кое важи подолго време да закажат специјалистички термин ќе пуштиме повеќе термини и Е амбуланта. Специјалистот ќе процени дали физички да дојде пациентот или може да се процени по документација и да се даде подолго боледување“, изјавил Филипче во разговор за Тв Сител.

Повеќе здруженија побараа од министерството за здравство да објави листа кои најчести хронични заболувања ги имале починатите од компликации од коронавирусот, и граѓаните кои имаат некоја од тие дијагнози и понатаму да бидат ослободени од работа. За барањата на здруженијата на пациенти, Филипче рече дека на денешниот состанок ќе разговарале за сите дилеми.

Слични содржини