Филипче: Во салата „Борис Трајковски“ се вакцинираат 300 лица на час, утре на ред се припадниците на АРМ

од Nikola Popovski

„Одлично помина првиот ден од вакицнацијата во А1 арената Борис Трајковски. Во просек се вакцинираат околу 300 лица на час или околу 3000 дневно. Денес се вакцинираа дел од здравствените работници како и еден дел од припадници на МВР“, објави министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил.

Според него, утре продолжува вакцинацијата на МВР и започнува на припадниците на АРМ.

„Колегите ме информираат дека целиот систем функционира беспрекорно и тоа многу ме радува. Да бидеме максимално претпазливи во неделите што следат и да ги почитуваме мерките без исклучок. Од утре стапуваат на сила поригорозни мерки и сите да го дадеме својот придонес во битката со пандемијата“, додаде Филипче.

Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска започна масовната имунизација на населението против Ковид-19. Први на листата се вработените во МВР, АРМ, вработените во јавниот превоз, воспитувачките во градинките и медиумските работници. На 48 пункта од 8 до 20 часот е планирано да се вакцинираат околу 3.000 граѓани.

Вакцинацијата се спроведува со руската вакцина „Спутник V“, којашто Северна Македонија ја доби како донација од соседна Србија.

Масовната имунизација се спроведува на 48 позиции. Граѓаните при влез прво пополнуваат прашалници кај волонтерите на Црвен Крст. Пред да се  упатат кон еден од параваните за нивната здравствена состојба, дали имаат температура, некаква  алергиска реакција, хронична болест разговараат со лекар.

После вакцината најчесто поставувано прашање било дали смеат да пијат алкохол.

Слични содржини