Објавени се номинациите за наградата Оскар за 2018 и љубителите на Холивуд се зафатени со тоа да погодат кој ќе ја добие, кој нема, зошто, поради кого, и што ли уште не.
Не, „Вондер Вумен“, не е на листата на номинирани, ниту во категоријата глума, ниту за режија. Фала му на Господа, по се изгледа се уште е присутно некое чувство за кинематографска правда во светот.
Навистина Мерил Стрип е на листата, ова е нејзината 21 номинација за улогата во филмот „Пост“ на Стивен Спилберг. Но, Спилберг не е номиниран за најдобра режија и тоа со причина.
Номинациите за Оскар секогаш се клучен барометар за духот на годината, не само во Холивуд туку и во САД воопшто. Либералната елита, како што конзервативците со презир ги нарекуваат, на сцената го стави она што тие мислат дека е добро, лошо и грдо во светот каков што тие го гледаат. Оваа година нема ништо погрдо од Трамп кога е во прашање легитимното треперење од страв кое неговото непријателство кон „Првиот амандман се испраќа низ ’рбетот на американската демократија“.
Замки за слободата на медиумите
Измина само една година откако на власт во САД дојде Доналд Трамп и американското новинарство веќе е во големи проблеми. Чесно е да се каже дека тие проблеми не се ограничени на американското новинарство и се протегаат до самата инситуција новинарство воопшто, во САД или каде било на друго место.
Еднакво е важно да се сетиме дека трауматичниот пресврт во американското или во кое друго новинарство не почна со Трамп, туку веќе подолго време е заболено.
„Њујорк Тајмс“ можеби сака да го потсети светот на својата улога во разоткривањето на лагите за војната во Виетнам. Но, сигурно не сака светот да се потсети на неговата клучна улога во измислувањето на лажни докази за постоење на оружје за масовно уништување што беше вовед за американска инвазија, окупација и уништување на Ирак.
Да се обвини Трамп за се, сега е изговор за прикривање на подолго присутните системски болки на американското новинарство.
Меѓутоа, овде не станува збор само за „Њујорк Тајмс“. Американското новинарство сака за себе да размислува како за пречка или рамнотежа за моќ на владејачката елита. Меѓутоа факт е дека американското новинарство е составен дел од таа владејачка елита. Американското новинарство е главна идеолошка машинерија за градење на согласност за статус-кво.
Активното противење на американскиот новинарски естаблишмент кон Трамп, за кое мора да постои сериозно сочуство, се случува бидејќи тој со помош на своите злогласни твитови ги надмина и на тој начин ги промени правилата на игра. Нему не му се потребни „Њујорк Тајмс“ или „Вашингтон Пост“ или Си-Ен-Ен за да дојде до својата база.
Факт е дека тој ги злоупотребува новите медиуми за да пропагира омраза, расизам, па дури и потенцијална рамка за фашизам. Но, тоа не ја симнува одговорноста од американските медиуми кои се задоволни со понежен, полиберален, повеќе скриен, помалку вулгарен (сетете се на Обама) и поради тоа поприфатлив милитаризам ширум светот.
Во овој контекст, новиот филм на Стивен Спилберг „Пост“ (номиниран за најдобар филм) е слаб обид, попусто настојување да се врати херојското време на американското новинарство. Да, ова е време на „лажни вести“, „алтернативни факти“ и „пост – вистини“.
Така, ценетиот Прв амандман од Уставот на САД е под здружен напад, а го напаѓа токму претседателот и Овалната соба, кои имаат најголема одговорност да го заштитат, но дали застарениот сентиментализам на Спилберг е вистинскиот начин да се пристапи кон тој проблем?
„Пост“ е нагласено глорифицирање на издавачката на „Вашингтон Пост“, Кетрин Греам (Мерил Стрип), како личност со натчовечка сила која дораснала на предизвикот и успева да ја одбрани слободата на медиумите и да објави доверливи документи кои ги разоткриваат американските лаги и злодела за време на војната во Виетнам.
Спилберг, како што е и неопходно, одблиску ја прикажува борбата на Катрин Греам која се бори против закоравениот патријархат од своето време. Нејзината храброст е двојна, бидејќи се соочила и со корумпираната администрација за време на владеењето на Никсон и со машката мизогонија на своето време во крупен план.
Сцената во која таа излегува од американскиот Врховен суд додека млади новинарки и се восхитуваат, гледајќи ја со љубов, е неопходна алузија на искачувањето на жената во таа професија во која до денес постои проблем на структурална нерамноправност и предаторско сексуално малтретирање.
Но, додека тој ги слави тие аспекти на личноста на Кетрин Греам, Спилберг е свесен, како што и треба да биде, дека таа и нејзината класа биле составен дел од елитата која дојде се до Белата куќа. Прикажани се исповеди зад затворена врата меѓу неа и Бен Бредли (Том Хенкс), извршен уредник на „Вашингтон Пост“ во тоа време, при што тие се доверуваат еден на друг дека тие всушност професионално, па поради тоа и морално, се компромитирани бидејќи се блиски до моќта.
Блискиот однос меѓу претседателот Обама и американскиот печат пресликан е за целиот свет да го види за време на вечерата за дописници во Белата куќа – длабоко проблематичен општествен собир за институција која тврди дека има автономија од политичката елита.
Носталгија по време кое никогаш не постоело
Преку приказната која прво „Њујорк Тајмс“, а подоцна и „Вашингтон Пост“, ја објави за војната во Виетнам, заснована на тајни информации познати како „документи од Пентагон“, се открива дека администрациите на Никсон, Џонсон и Кенеди доследно лажеле и го криеле фактот дека САД ја губат војната во Виентам.
Кога ќе се спореди со времето на интернетот и со откритијата на Викиликс, тој период во американската историја сега е древна историја. Всушност, Спилберг кинематографски одлично, носталгично се присетува на застарената аналогна технологија користена во новинарството, која денес изгледа поархаична од археолошките гробници кои со Харисон Форд ги истражуваше во филмовите за Индијана Џонс. Носталгичниот романтизам на Спилберг е совршен како парче новинарски антиквитет. Но исто така, е и политички детинест, незрел па дури и не одговорен.
Даниел Елсберг, поранешен воен аналитичар, ги известил и „Тајмс“ и „Пост“ за документите од Пентагон како акт на патриотска должност. Да се слави Елсберг во време на Едвард Сноуден, Челси Менинг и Џулијан Асанж или Мордахеј Вануну во Израел, е криминален чин на тажно лицемерство кое зборува многу повеќе за компромитираната политика на Спилберг и неговиот активен ционизам, отколку за каков било лек за сериозната болест на американските медиуми.
Неодговорно и будалесто е што либанските власти прво го забранија филмот на Спилберг само поради тоа што тој е активен ционист и финансиски ја помага израелската воена машинерија. Мудро е што подоцна ја повлекоа таа одлука. Тие филмови треба да се гледаат, бидејќи тие се можност за критичка рефлексија за тоа што точно е функцијата на Холивуд во моделирањето на американските/израелски воени машини и како, дури и во својата носталгија по херојското новинарство, тие ја претставуваат сопствената историска амнезија и морално слабите точки.
Забранување и цензуирање филмови е последното нешто што на арапскиот и муслиманскиот свет му треба во своите критички средби со американскиот империјализам, израелскиот ционизам или арапскиот и муслиманскиот фанатизам.
„Пост“ завршува со умешна алузија на фактот дека додека се загрева приказната за документите од Пентагон, набрзо ќе следува аферата „Вотергејт“ – епизода во американското новинарство која заслужува да биде славена и ценета поради она што го направи, непосредно пред таа професија да биде ажурирана за периодот кога „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“ беа активно имплицирани во американското воено поттикнувачко однесување ширум светот и израелското колонијално освојување на Палестина.
Значаен аспект од критичката средба со „Пост“ во филмските критики ги опфаќа заслугите на весниците во семејна сопственост и ривалство меѓу „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, во смисла чиј пристап е похеројски во известувањето за вистината.
– Поважна лекција е дека во двата случаи весниците како семеен бизнис ги ставиле своите новинарски мисии пред деловните императиви. И тоа го направија при голем владин притисок, што е потстетник на важната улога која принципиелното семејно раководство ја игра во бизнисот на информирање, пишува Џим Рутенберг во својата критика на филмот „Пост“.
Рутенберг радосно ја слави таа олигархиска моќ на едно или две семејства над главниот тек на новинарството во САД, што е клучна точка која треба да се има предвид кога „Тајмс“ следниот пат ќе напише арогантен напис за тоа како Ал Џезира е во посед на владејачкото катарско семејство.
Кога семејството Салцбергер би ја купила Ал Џезира и би ја водела на начинот на кој го води „Њујорк тајмс“, светот би бил побезбеден за американскиот империјализам и израелскиот ционизам.