Финансиска за Русковска: Муареми не поднесува оставка затоа што нема мандат, се повлекува од позицијата В.Д.

од Берта Китинска

Мандатот на директорот на Управата му е истечен на 15.02.2022 година кога истиот ден е назначен за В.Д., информираат за „Локално“ од Управа за финансиска полиција.

-В.Д нема трајност како што има мандат! Затоа тој и не поднесува оставка – затоа што нема мандат, туку се повлекува од позицијата В.Д, појаснуваат од финансиска полиција во врска со изјавите на обвинителката Вилма Русковска која рече дека не е точно дека директорот на Управата Арафат Муареми си дал оставка.

-Муареми не си даде оставка, туку му заврши мандатот. На 15-ти му истече мандатот, а тој на 16-ти направи парада дека се повлекува и си дава оставка, рече Русковска.

Директорот на Управата за финансиска полиција пред неколку дена изјави дека се повлекува од позицијата, со цел да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.

-Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви, кажа Муареми.

На 16 август, Јовески ја суспендираше Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа од страна на Муареми.

Русковска, со обезбедена судска наредба, изврши претрес во Финансиска полиција на 18 јули по анонимни пријави од граѓани, а на 8 август Муареми во врска со претресот поднесе кривични пријави против Русковска и двете обвинителки од нејзиното обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот.

Слични содржини