(ФОТО) „Кокино-Тврдина на Сонцето“: фестивалско соблазнување за сите сетила

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Првото издание на мултимедијалниот фестивал „Кокино-Тврдина на сонцето“, лоциран во мегалитската опсерваторија, е редок пример за културен хепенинг во Македонија, кој ги надмина очекувањата на публиката.IMG_2412[1]

Од 17 часот попладне вчера, на фантастичната локација со одлично обмислена организација, беше овозможена целодневна гозба за сите сетила, која ги задоволи и оние со најизострени рецептори за нови вкусови.

Ограничениот број на посетители, што предизвика незадоволство кај оние кои задоцнија со снабдувањето на билети за превоз или паркинг, сепак се испостави како соодветно решение кое го загарантира целосното уживање во сите елементи на програмата, како и обезбедување на интимна врска со природата и уметноста истовремено.

Љубопитните можеа да бидат дел од едукативни тури до опсерваторијата со водич, како и предавање од областа на астрономијата, а креативните да учествуваат во работилници за филигран, керамика, компостирање и оригами.IMG_2494

Перформативните активности на настанот започнаа со поетско читање, а музичката програма се отвори со изгревот на ѕвезденото небо.

Фантастичниот Мухамед Ибраими со својата гитара приреди неповторливо доживување за посетителите кои го добија камерниот шарм среде природа, со блескавото Кокино над нивните глави.IMG_2525

Битолските легенди „Фолтин“ со внимателно одбрана листа на нумери, ја дигнаа публиката на нозе и неуморно го извадија најдоброто од своите грла и прсти.IMG_2536

За крај на музичкиот дел, култниот Кирил Џајковски со својата, повторно адекватно избрана придружба и сервирана музичка селекција, звучеше артистично како што одамна не сме го слушнале во живо, потсетувајќи на својата маестралност во спојување на електронското и нашето скапоцено „изворно“.IMG_2547

Програмата беше заокружена со избор на краткометражни филмски продукции за опуштено затворање на целодневната дружба.

“Кокино-Тврдина на сонцето“ дефинитивно заслужува традиционално повторување, но ако, и само ако, го задржи овој свој неверојатен автентичен драж.

Влезот на настанот беше бесплатен, а организатор на фестивалот е Пасворд продукција.

Ф.А.