Франција ја одбрани титулата светски првак

од Vladimir Zorba
75 прегледи

Ракометната репрезентација на Франција ја одбрани титулата светски шампион откако во финалето на 25. Светско првенство вечерва во Париз ја победи Норвешка со 33:26 (18:17).

За „триколорите“ ова е шеста титула светски првак, воедно тие ја одбранија титулата освоена пред две години во Катар. Досега Франција првото место го освојуваше на Светските првенства: 1995, 2001, 2009, 2011 и 2015 година.

За Норвешка пласманот во финалето е најголем успех на Светските првенства освојувајќи го второто место. Во финалето Норвешка подобро играше во првото полувреме кога имаше и водство од три голови разлика во два наврати (10:7 и 14:11), но на крајот на првиот дел Франција поведе со 18:17.

Во второто полувреме Франција доминираше на теренот и постојано го зголемуваше водство и во 53.та минута беше +8 за Франција (31:23), а до крајот на дуелот Норвешка само го ублажи поразот.

Најефикасен играч на финалето беше Никола Карабатиќ со 6 голови.

Во „малото финале“ вчера Словенија ја победи Хрватска со 31:30 и го освои првиот медал на Светските првенства.

Следното Светско првенство ќе се одржи по две години во Данска и Германија.