Фудбалски легенди кои никогаш не играле на Мундијал

од desk2
153 прегледи

Кога некој ќе рече „фудбалска легенда“, помислуваме на играчи кои сигурно учествувале на најголемиот спортски настан на планетата – Светското првенство.

Тоа се очекува во најмала рака, а во поголемиот број случаи фудбалските легенди и го имаат освоено „светиот грал“ со нивните репрезентации.

Меѓутоа, во историјата на „најважната споредна работа на светот“ – фудбалот – има легенди кои никогаш не играле на Мундијал.

Причините за тоа најчесто се едноставни – овие исклучителни играчи доаѓаат од земји кои не се познати како фудбалски нации и просто никогаш немале прилика да играат во репрезентација со играчи со исти или барем слични карактеристики како нив.

Има и други причини, како повреди, темпераментен карактер или едноставно, пропуштена прилика.

До почетокот на Мундијалот во Русија остануваат неполни три месеци, а во исчекување на 21. Светско првенство што ќе се одржи о 14 јуни до 15 јули, ве потсетуваме на големите фудбалски имиња кои никогаш не учествувале на овој величествен настан.

Ерик Кантона

Навистина е чудно како играч како Ерик Кантона никогаш не заиграл на Светското првенство, а доаѓа од земјата на „триколорите“. Легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед во периодот од 1987 до 1995 година одигра 45 натпревари за сениорскиот тим на Франција и секогаш беше еден од најдобрите играчи на теренот.

Меѓутоа, неговиот бурен темперамент го спречи да направи повеќе и да го одведе националниот тим на Мундијал. Во 1988 година Кантона за селекторот Анри Мишел рече дека е „вреќа со гомна“ на национална телевизија и веднаш беше исфрлен од тимот. Франција не се квалификуваше за СП 1990.

Подоцна Кантона се врати во репрезентацијата, но за чудо „триколорите“ не се квалификуваа ни за Светското во 1994 година. Кантона тогаш играше најдобро во кариерата и како еден од најискусните во репрезентацијата ја доби капитенската трака.

Сепак, големиот инцидент беше во 1995 година кога со нога удри навивач на Кристал Палас и тоа го оддалечи од фубалот на осум месеци. Кога се врати, неговото место во репрезентацијата го имаше земено Зинедин Зидан и никогаш веќе не го викнаа да игра за првиот тим.

Кантона како големо разочарување го доживеа фактот дека не беше повикан во националниот тим за Европското првенство во 1996 година и една година подоцна реши да се повлече од професионалниот фудбал. Легендарниот играч подоцна тврдеше дека би ја продолжил кариерата за Светското во Франција 1998 кога оваа селекција и победи. Кантона се повлече од фудбалот на само 31 година и остана отворено прашањето уште што сѐ можеше да даде за светскиот фудбал.

Рајан Гигс

Пример за „олд скул“ играч кој 24 години помина во еден фудбалски клуб и кој во клупската кариера ги освои сите можни трофеи. Сепак, легендарниот Рајан Гигс доаѓа од Велс, земја од која излегле многу познати играчи, но која во негово време никогаш немаше сериозен натпреварувачки тим.

Гигс, како целосна спротивност на Кантона, одигра 64 меча за првиот тим, а интернационалната кариера ја заврши многу порано од клупската – во 2007 година. Како причина за тоа Гигс ја наведе желбата да се посвети на клупската кариера во Јунајтед, што и го оствари, и играше до 2014 година.

Велс последен пат настапувал на Мундијалот во 1958 година во Шведска, што значи дека „постот“ на репрезентацијата трае веќе 60 години.

Жорџ Веа

Веа, кој најверојатно е најдобриот африкански фудбалер на сите времиња, не успеа да заигра на Светско првенство, најмногу поради земјата од која доаѓа. За репрезентацијата на Либерија настапуваше од 1987 до 2003 година и запиша 60 настапи и 22 гола.

Веа беше неверојатен фудбалер и неговите вештини со топката му ја донесоа наградата Најдобар играч на светот во 1995 година.

За Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја 2002 година Либерија беше многу блиску, но ѝ недостигаше еден бод за да се квалификува за Мундијалот.

 

 

Џорџ Бест

Несомнено е играчот кој ја одбележа средината на минатиот век и фудбалер кој со својата брзина и проникливост беше вистински кошмар за противничките стопери.

Бест најдобар фудбал играше во Манчестер Јунајтед каде помина 11 сезони и каде во „екот на кариерата“ беше еден од најдобрите играчи во Европа.

За Северна Ирска одигра 37 натпревари и постигна 9 гола, а она што му е заедничко со повеќето играчи на оваа листа е слабата домашна репрезентација.

Северна Ирска се квалификуваше за Мундијалот во Шпанија 1982, но Бест тогаш играше во САД. Селекторот Били Бенгејм реши да не викне тогаш 36-годишниот Бест, што многу го разочара фубалерот.

„Бев во добра форма таа година, играв за американскиот тим еднаш неделно. Не очекував да играм на секој натпревар на Мундијалот, но сакав чисто да бидам дел од тимот. Ќе бев задоволен да играв и само 15 минути од натпревар, само да учествував на Шампионатот“, рече Бест во една прилика.

Алфредо ди Стефано

Кога Пеле, кој според многумина е најдобриот фубалер на сите времиња, за вас ќе каже дека сте најдобар, тоа кажува многу.

Легендата на Реал Мадрид Алфредо ди Стефано во кариерата настапуваше за репрезентациите на Аргентина, Колумбија и Шпанија, но никогаш не го интересирала интернационалната кариера.

Аргентина не успеа да се квалификува на СП 1950, а во 1954 не можеше да учествува бидејќи играше и за Колумбија и за „гаучосите“.

Откако ја продолжи клупската кариера во Шпанија, доби и шпанско државјансство.

Одигра неколку квалификациски натпревари за „Црвената фурија“, но Шпанија не се квалификуваше за Светското 1958.